Марихуаната во земјава влегла од Албанија, а крајна дестинација требало да биде Турција. Скопјанец се согласил да ја прошверцува за 2 500 евра, но полицијата го фати на патарина од Велес кон Скопје. За да откријат бункерите во возилото каде што била скриена дрогата, помогнало и куче од Царината
Во вчерашната акција за пресекување меѓународен канал за шверц на дрога, запленети се 67 килограми марихуана, чија вредност се проценува дека е околу 250 000 евра.
По првичните информации синоќа, од МВР излегоа со детали наведувајќи дека дрогата е пронајдена во скопски автомобил управуван од 46-годишен скопјанец, а била скриена во бункери во возилото и во резервоарот.
Акцијата била спроведена откако полицијата добила информации за можниот транспорт, по што возилото било запрено на наплатната рампа „Отовица“ на автопатот од Велес кон Скопје.
„Под сомнение дека со возилото се пренесува наркотична дрога, тоа е пренесено на Граничен премин ‘Блаце’, каде што од страна на тим од мобилна царина и со употреба на службено царинско куче, извршен е детален преглед и во возилото е откриен специјално направен простор – бункер во подот од возилото, вклучувајќи го и подот од багажниот простор, како и резервоарот од самото возило, кои биле исполнети со повеќе пакувања со марихуана во количина од околу 67 килограми“, изјави портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ-Талевска.
Дрогата во земјава влегла од Албанија, а крајна дестинација требало да биде Турција. Скопјанецот се согласил да го направи транспортот со неговото возило за 2 500 евра.
Од МВР велат дека ќе поднесат кривична пријава и осомничениот денеска ќе го извадат пред судија на претходна постапка.
Можеби ќе ве интересира: