Денеска во Катар започнува Светското фудбалско првенство, а првиот натпревар ќе го одиграат домаќинот Катар и Еквадор во групата „А“,Натпреварот со кој се отвора Мундијалот ќе го суди 46-годишниот италијански судија Даниеле Орсато. Натпреварот на стадионот Ал Бајт со капацитет од 60.000 седишта е закажан за 17 часот.
На еден од најголемите спортски настани во светот ќе се натпреваруваат вкупно 32 репрезентации и тоа од 20 ноември до 18 декември.
Домаќинот кој организацијата ја доби пред цели 12 години како најмала земја организатор вели дека се е подготвена за спектаклот.
Организаторите предвидуваат дека во Катар ќе пристигнат повеќе од еден милион навивачи, а се наведува дека досега се продадени 2,9 милиони од 3,1 милион билети.
Официјална сума за тоа колку ги чинеше Катарците комплетната инвестиција за севкупната инфраструктура во која не се само осумте климатизирани стадиони нема, но сите проценки на релевантни агенции и после сè што е изградено, а тука е и комплетно метро кое ги поврзува сите стадиони, сметката е – 200 милијарди долари.
Звучи неверојатно и тотално лудо, зашто оваа сума од 200 милијарди за еден месец фудбалски турнир е толку неисплатлива инвестиција, зашто Катар проценил дека економскиот ефект од турнирот ќе биде само десет отсто од инвестициите или 20 милијарди долари. Во ек кога поголем дел од светот се соочува со глад и беспарица, расфрлањето на 200 милијарди долари делува тотално лудо. Од македонски аспект, тоа би биле пари за пола век Македонија да живее со актуелниот испроектиран буџет за следната година од пет милијарди евра.
Само за мрежата на метрото кое е изградено за да ги поврзе стадионите се инвестирани меѓу 36 и 40 милијарди долари, а каде се парите за осумте стадиони, за патиштата, хотелите, аеродромите, трениг-камповите…
Колку и да е гламурот голем, а удобноста во спектакуларните стадиони и сè пропратно за да уживаат во најголем дел костумосаните фудбалски чиновници, зашто навивачите ќе се „чешаат“ во логорското сместување (200 долари во контејнер) и 15-те долари за шише пиво, Катар останува на тапет зашто за сè што изгради со многу крв е платен Мундијалот. Домаќинот не признава, но податоците се дека има 6.500 мртви од мигрантите-работници кои работеле на џиновските градежни објекти, а тие добивале македонски минималец како плата во една од најскапите земји за живеење.
Шеиците веќе имаат прекар „модерни фараони“, богати владетели кои робовладетелски ја искористија работната сила од сиромашните Бангладеш, Шри Ланка, Индија, Непал, Кенија, Пакистан за да го добијат тоа што го замислиле.
И како за споредба, осумте претходни домаќини на Светските првенства од САД во 1994 година до Русија со последниот Мундијал во 2018 година, заедно инвестирале вкупни 44,3 милијарди долари. А, само Катар – 220 милијарди. Или повеќе од пет пати од сите заедно.
ТРОШОЦИ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА СП
1994 – САД: 500 милиони долари
1998 – ФРАНЦИЈА: 2,3 милијарди долари
2002 – Ј. КОРЕА/ЈАПОНИЈА: 7 милијарди долари
2006 – ГЕРМАНИЈА: 4,3 милијарди долари
2010 – Ј. АФРИКА: 3,6 милијарди долари
2014 – БРАЗИЛ: 15 милијарди долари
2018 – РУСИЈА: 11,6 милијарди долари
2020 – КАТАР: 220 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ
Можеби ќе ве интересира: