Претседателот на Бугарија, Румен Радев следниот понеделник – на 15 мај, на партијата ГЕРБ ќе и го врачи првиот мандат за формирање влада.
„Мандатот ќе го врачам следниот понеделник, на 15 мај. Верувам дека ова време ќе биде најдобро искористено и од Народното собрание и од партиите“, изјави денеска Радев.
Неофицијалните очекувања беа дека шефот на државата неделава ќе ја почне процедурата за врачување на мандатите, но одлучи да им даде уште една недела на политичките сили во Парламентот.
„Помина цел месец од свикувањето на Народното собрание, а досега не даде никаков резултат. Лудост е народните избраници да зборуваат за нови избори без да исполнат барем дел од обврските кон своите гласачи“, вели претседателот Радев.
Народното собрание досега не ја започна својата законодавна активност, а дури кон крајот на минатата недела беа формирани собраниските комисии и тоа со нова нестандардна одлука – не беа избрани нивните шефови.
Според Радев, партиите одбиваат да преземат одговорност за управувањето со државата, а „сакаат и да и ги врзат рацете на преодната влада и да ја остават без буџет“.
Според Уставот, претседателот е должен да го предаде првиот мандат за формирање влада на најголемата пратеничка група – т.е. на победникот на изборите, кој во овој случај е ГЕРБ. Во Основниот закон нема рок во кој тоа треба да се случи. Роковите почнуваат да течат дури по врачувањето, а партијата ќе има рок од една недела да го реализира мандатот за формирање влада.
Можеби ќе ве интересира: