Ковачевски денеска изјави дека рудници во Струмичко нема да има. На следната владина седница, Министерството за економија повторно ќе ја презентирало целата документација за случајот, откако вчера беше објавено дека Бектеши ги измамил министрите, велејќи им дека Управен суд донел одлука за спојување на концесиите.
„На следната седница на Владата, Министерството за економија со сите документи уште од 2012 година ќе ги информира сите министри за натамошната постапка. Но, јасен е ставот на СДСМ дека рудник не може да има ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот. Оваа Влада постапува само во интерес на граѓаните, да ги заштити од евентуални големи отштети“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на промоцијата на заедничкиот електронски систем за наплата на патарините со Србија.
Виновници за ситуацијата, според Ковачевски, се ВМРО-ДПМНЕ затоа што во 2016 година ги даде концесиите на странскиот инвеститор за нивно отворање. Рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема право да зборува за рудниците кога токму неговата партија ги даде концесиите, но тогаш никој не смеел за тоа да зборува и пишува, ниту пак да организира протести.
Можеби ќе ве интересира: