Сликата на која најмладата учесничка на Илинденскиот марш, тринаесетгодишната Андреа Данаиловска, го крена на две нозе својот коњ, на чии гради беше македонското знаме, и многу брзо се прошири на социјалните мрежие дело на велешанецот Боби Кошинов.
Содржината продолжува под рекламата
Нешто повеќе за авторот Боби може да прочитате во интервјуто за „Колибри“.
Содржината продолжува под рекламата
Најпрво, кажете ни неколку збора за себе.
„Роден сум и живеам во Велес веќе 31 година. Со фотографија и видеомонтажа започнав да се занимавам пред околу седум години во регионалната телевизија К1, која, за жал, сега е затворена. Таму го испеков занаетот и веќе пет години сум дел од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ каде што практично го работам истото тоа, видеоедитирање и фотографирање“.
Како се случи да се најдете на вистинското место во вистинското време и да ја снимите фотографијата што го обележи годинашното илинденско празнување?
„На Илинден бев дел од делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево и на Мечкин Камен. Додека ја чекавме коњаницата да пристигне, можеби тука е најинтересниот момент, сите фотографи и камермани се префрлија од другата страна, а јас останав кај делегациите. Пристигна коњаницата и беше пречекана бурно, во одлична атмосфера. Коњот на Андреа ми го привлече вниманието затоа што на неговите гради беше знамето на Македонија. Се приближив да фатам подобар агол и тогаш Андреа го исправи на две нозе и направив неколку фотографии, меѓу кои и виралната. Навистина бев среќен и горд што таа фотографија ја виде речиси цела Македонија“.
Какви беа реакциите?
„Од секаде добивав честитки и пофалби за фотографијата, но најдоброто нешто во целата ситуација ми е тоа што на тој начин се разбудија многу патриотски чувства кај Македонците и, секако, на најубав начин им оддадовме голема почит на илинденците и на луѓето што биле дел од Илинденското востание. Се надевам дека фотографијата ќе биде споделувана уште многу Илиндени и ќе стане „заштитен знак“ (trademark) на некој начин на овој историски настан“.
Има ли некоја повратна реакција од Андреа?
„Досега од девојчето Андреа немаше повратна реакција. Сѐ се случи многу брзо и, веројатно, додека уште траеше настанот сликата со молскавична брзина се прошири на интернет. Сепак, мислам дека фотографијата ѝ е профилна на Андреа и драго ми е поради тоа“.
Бидејќи интервјуто го правиме за „Колибри“, дали некогаш сте биле дел од некој проект за деца?
„Во проекти за деца не сум бил вклучен, можеби тоа ќе се случи во иднина, а звучи навистина интересно и доколку се укаже некоја пригода со задоволство ќе ја прифатам“.
Дали можеби планирате изложба на фотографии наскоро?
„Засега не планирам да организирам изложба на фотографии, но, нели, никогаш не се знае што ќе ни донесе иднината“.
Можеби ќе ве интересира: