Министерството за здравство покрена инспекциски надзор по вчерашната објава во медиумите дека возило на Брза помош застанало на кафе пауза, додека пациент со кислородна маска бил во возилото.
„Не е дозволено застанување на Брзата помош на тој начин и Министерството за здравство покрена инспекциски надзор и побара изјаснување од директорот на Здравствен дом Струга. По наодите ќе се преземат соодветни мерки“, информираа попладнево од Министерството.
Оттаму посочуваат дека се извршени разговори со сите засегнати страни, вклучително и со ќерката на пациентот кој бил во возилото.
„Се работи за пациент, кој во понеделникот испишан од болницата, требало да биде трансфериран во Општата болница Струга. Пациентот бил во терминална фаза од болеста. Тој и неговата ќерка тргнале сами на нивно барање со сопствен превоз. Меѓутоа, кога стигнале до излезот на градот, ќерката сфатила дека нема да може сама и се јавила во ЗД Струга. Од таму обезбедиле возило, кое за кратко пристигнало. Кога дошло возилото, ќерката на свое барање, бидејќи ништо немала испиено и јадено цел ден, ги замолила да застанат. Татко ѝ бил свесен, контактибилен, во тек на целиот ден. Оваа информација во целост ја потврди ќерката на пациентот, потенцираат од Министерството за здравство.
И покрај тоа што таа барала, како што се нагласува во соопштението, не е дозволено застанување на Брзата помош на тој начин.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вчера прашан за овој случај најави дека ќе ја провери информацијата и доколку е точна, ќе следуваат најригорозни казни за сторителите.
Можеби ќе ве интересира: