Гир: Ја сакаме Северна Македонија во ЕУ, еве ви можност

dejvid gir
dejvid gir

Евроамбасадорот Дејвид Гир вечерва изјави дека клучни работи за тоа кога земјата ќе се приклучи на ЕУ се партиите да се согласат дека ЕУ реформите се врвен приоритет, тие да се имплементираат и одлучност да се оди напред со вмрежување на сите институции.

Zito akcija 640x289px

За уставните измени, Гир рече дека текстот за предлозите се само дополнување на добрите внатрешни меѓуетнички односи и не се во спротивност со фундаменталниот интерес на државата. Предупреди дека Унијата нема повторно да преговара за нова рамка.

Agria

„Ќе има две работи кои ќе бидат клучни за тоа кога земјата ќе се приклучи на ЕУ. Ќе повторам како прво, политичките партии мора да се согласат дека ЕУ реформите се врвен приоритет и дека ќе ги стават пред сите други приоритети, дека ова треба да биде национален проект. Не мора да се прави коалиција, здраво е да се има влада и опозиција, но мора да се согласат дека ова е главен фокус. Така Хрватска напредуваше во тешките години на спроведување на агендата. И втората работа е повторно поврзана со она што го нареков „национален проект“, а тоа е таа амбиција и одлучност да се оди напред со реформите преку вмрежување на сите институции: Владата, Парламентот, судството, полицијата…се што имате. Ако така се постават работите датумот е достижен, но мора да се имлементираат реформите, кои граѓаните сами ги бараат“, рече Гир во интервју на ТВ Сител.

Според евроамбасадорот Гир, говорот на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Блед е охрабрувачки, а никако студен туш. Тој оцени дека тоа беше говор кој се рефлектираше и во изјавите на Вархеји дадени подоцна, за итноста и потребата да се оди напред.

„Точно е дека Претседателот ја спомна 2030  година, и самиот претседател Макрон секогаш ја подвлекува важноста на проширувањето од перспективата на напредокот, стабилноста и безбедноста. Она што постојано ме изненадува е тоа оние кои коментираат, успеваат позитивните шанси кои се презентираат, да ги претворат во нешто сосем спротивно, црното станува бело а белото црно. Ова е шанса, ова е јасна порака до земјите кандидатки дека ги сакаме внатре, дека ја сакаме оваа земја, Северна Македонија во ЕУ, еве ви можност“, тоа е планот, вели Гир.

За тоа дали е реален планот, евроамбасадорот вели дека агендата е амбициозна, но оти она што треба да се направи се суштински реформи кои ќе имаат свое влијание врз сите области, почнувајќи од владеењето на правото, корупцијата, економијата, животната средина, градење на вештините на работната сила за да може земјата кога ќе пристапи во ЕУ да има бенефити од тоа што е внатре, но и да може да преживее во конкретните услови во ЕУ.

Во однос на уставните измени, евроамабасадорот вели дека секој пратеник треба самиот да донесе одлука врз основа на својот став за тоа што е во интерес на државата и кој е најдобриот начин да се оди напред.

„Има жива дебата во врска со ова прашање и тоа е добро. Предлозите се специфицирани и врз нив треба да се фокусираме, тоа не се апстрактни идеи. Ние придонесуваме во таа дебата и јасно ни е дека се работи за суверена одлука на земјата, но сакаме да укажеме на неколку поенти за кои мислиме дека ќе помогнат во ситуацијава. Имаме текст за предлозите, кои се само дополнување на добрите внатрешни меѓуетнички односи и не се во спротивност со фундаменталниот интерес на државата. И како второ, да се вратам пак на говорот на Мишел од Блед, збор е за тоа дека во моментов живееме во вонредни времиња, тука е инвазијата на Русија врз Украина, неправедна и непровоцирана, која ја интензивираше потребата од проширување. Проширувањето не е веќе само напредок, туку и стабилност, безбедност и демократски вредности. Стратешки интерес е и за ЕУ и за земјите кандидатки брзо да се приклучат, врз основа на реформите. Ќе повторам за овие уставни промени секој пратеник или пратеничка ќе одлучи што ќе направи, но мислам дека треба да се има пред себе поголемата слика, да не се пропушти овој момент во политиката и меѓународните односи. Мислам дека оваа шанса треба да се зграпчи за да може одлучно да се тргне напред“, вели Гир.

Прашан дали има разговори за да се исполнат некои од условите на опозицијата за да се дојде до уставни измени, евроамабасадорот потсети дека во Скопје биле повеќе министри и партнери кои разговарале со Владата и со опозицијата и дека им го објасниле поширокиот контекст и дале уверување дека македонскиот јазик е потврден и признат во преговарачката рамка, со потврден идентитет и култура, историја, дека не го губиме својот идентитет на патот кон ЕУ.

-Им обајснија како ние на тоа гледаме во Унијата. Сигурен сум дека овие дискусии ќе продолжат отворено и јасно, да укажат зошто уставните промени ќе го овозможат следниот чекор, а тоа е одржување на меѓувладината конференција и потоа влегување подлабоко во преговорите за клучните прашања, рече Гир.

Ние, потенцира тој, нема повторно да преговараме за договорот кој е направен во јули 2022.

„Ние стоиме зад тој договор, сакаме да биде имплементиран и уверуваме дека процесот на проширување ќе биде базиран на заслугите и нема да има загриженост за иднината на идентитетот, јазикот и културата и историјата на земјава“, рече евроамбасадорот Гир.

Во ситуација кога Парламентот нема мнозинство за уставни измени за тоа дали има рок до кога тие треба да бидат донесени, Гир рече дека политичарите треба да мислат како да го покренат процесот напред.

„Политиката е уметност на возможното и затоа не сакам да исклучам ниту една можност која ќе не придвижи напред. Но, можам да кажам дека скрининг процесот сам по себе, кој е важен и можен токму заради тоа што се отвори процесот на преговарање ќе заврши некаде на крајот на годинава, што значи ако уставните промени не се направат нема да може да се оди натаму, на следниот чекор кој е Меѓувладината конференција, а потоа и одење подлабоко во преговарањето за клучните точки како што се владеењето на правото, антикорупцијата и друго“, рече Гир.

Во врска со веќе донесените измени и дополнувања на Кривичниот законик во Собранието, евроамбасадорот Гир рече дека тие од синоќа се на сајтот на Собранието и се уште не ги разгледале со колегите од Брисел.

„Ние се уште не сме го завршиле тој процес, и затоа не можам да коментирам многу, освен да потсетам дека предлозите кои се со европско знаменце треба да бидат во насока на стандардизирање на домашните закони со европската легислатива. Европското знаменце е со цел да ја скрати дебатата во Парламентот за да има време да се усогласат сите закони и да оди процесот побрзо. Тоа не значи дека треба да ги скратувате важните дискусии или да се користи да се надминат процедуралните тешкотии“, изјави Гир.

За скандалот со онкологија евроамбасадорт посочи дека во моментот се врши истрага на полицијата и обвинителството и затоа не може да коментира за конкретниот предлог, но рече дека во текот на годините ЕУ инвестирала многу во засилување на капацитетите на полицијата, обвинителството и судиите.

„Капацитет значи постои за да се утврдат фактите и да се утврди одговорноста, дури и криминалната. Имаат алатки да го направат. Значи политиката и политичарите и бизнис интересите треба да ги тргнат рацете и да им дозволат на професионалците да си ја завршат работата. Секој граѓанин на државава има право да го очекува тоа, и ние како Еу го очекуваме тоа од една земја кандидат“, рече Гир во интервјуто.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: