Фирмата која го изгради островот палма во Дубаи ќе го гради најголемиот енергетски капацитет во последните триесет години кај нас, хидроелектраната Чебрен. По шест децении и 13 пропаднати тендери, Владата најде концесионер, откако вчера ја избра грчката Пи Пи Си и Архиродон груп.
Оваа компанија ќе поседува 2/3 од капиталот, а останатите 33 проценти ќе бидат во сопственост на државата, преку државните електрани ЕСМ. Овој грандиозен проект ќе чини близу една милијарда евра, а откако ќе биде готов проектот и собрани документите, ќе се гради седум години. На земјава ќе и обезбеди 333 мегавати базна енергија, што е половина од капацитетот на РЕК Битола, но за разлика од него, производството на оваа енергија е незагадувачко.
„Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на Северна Македонија и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот. Чебрен ќе ни овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен и базната енергија постепено да ја супституираме со производството од оваа голема хидроелектрана“, велат од ЕСМ.
Пи Пи Си и Архиродон груп е една од најреномнираните компании за градби на вода во светот, со богато меѓународно портфолио. Во моментов гради проекти вредни четири милијарди евра на три континенти. Ова не и е прв пат да учествува на тендер за Чебрен. На шестиот повик пред повеќе од 10 години, понудата на оваа компанија и беше отфрлена, оти тогаш понуди учество на државата од само 28 проценти. Но, за разлика од сега, тогаш проценката за изградба на овој мега проект беше дека тој ќе чини околу 300 милиони евра, што е три пати помалку од последната проценета вредност.
За професорот на битолскиот Технички факултет Дејан Трајковски избирањето на концесионер за Чебрен е вест на деценијата, но вели дека доколку хидроцентралата ја граделе домашни компании, таа ќе чинела двојно помалку. Можно е дури новата хидроцентрала да биде дадена под концесија на Грците на долгогодишен период, па тие намерно да ја „напумпале“ цената за да ја експлоатираат подолго, вели Трајковски.
„Со изградбата на непотребните автопатишта нашиот капацитет за задолжување е практично исцрпен и прашање е дали ќе имаме сила за градење на уште некоја реверзибилна хидроцентрала. Самиот Чебрен нема да ни биде доволен (ќе ни треба 2-3 пати повеќе), иако имаме простор и за изградба на ХЕЦ „Орлов Камен“, па и амбициозниот проект „Вардарска долина“. За жал, ХЕЦ „Бошков Мост“ и „Галиште“ повеќе никој не ги споменува“, вели професорот Трајковски.
Хидроелектраната Чебрен ќе има двојна функција – на производство на струја и режим на пумпање и враќање на водата назад, со што на Црна Река, во близина на селото Манастир во мариовската област, предвидено е ново вештачко езеро, најголемо во земјава.
Извор на веста: Телевизија 24
Можеби ќе ве интересира: