Домувањето за многу поединци и семејства може да биде тешко или отежнато достапно и затоа на 29 социјално ранливи семејства од Велес, лица без родители и лица со посебни потреби, им градиме реална можност да добијат свој дом.
Ова го изјави заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој заедно со Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова го посетија Велес каде извршија обиколка на социјалната зграда која се изгради во овој град, и извршија увид на рехабилитацијата на регионалниот пат Катланово-Велес.
Во неговата изјава за медиумите, вицепремиерот Битиќи рече дека со овие станови, социјално ранливите категории на граѓани и граѓанки ќе постигнат своја независност, стабилност и ќе изградат чувство на припадност на заедницата.
„Затоа денес сме овде во Велес, каде направиме обиколка на оваа пет катна социјална зграда, за да покажеме дека водиме грижа и создаваме можности за оние на кои им е најпотребно. На 29 социјално ранливи граѓани и граѓанки, лица без родители и лица со посебни потреби, како и за оние со ниски плати им градиме реална можност да добијат свој дом, дом за себе, за своите семејства, за своите деца. Изградбата на 29-те стана е завршена, се очекува наскоро и распределбата да биде извршена. Животниот простор во овие ново изградени домови се движи во квадратура од 30,40 и 50 метри квадратни”, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи додаде дека од 2017 година до денес, изградени и во фаза на изградба се 864 социјални станови.
„Владата покажува солидарност и создава можност за исто толкав број на социјално загрозени граѓани и граѓанки насекаде низ државата да дојдат до свој дом. Никој не треба да биде изоставен, на никого не треба да му биде скратено правото на дом, ниту на тие кои имаат потреба во Македонски Брод, ниту на нашите сограѓани во Бутел”, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи во изјавата за медиуми посочи дека Владата има создадено цврста мрежа од социјални станови низ целата држава, во Струмица, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гостивар, а во септември годинава дел од клучевите од социјалните становите ги поделивме на наши сограѓани и сограѓанки во Демир Капија, Гевгелија, додека за Неготино, распределбата на становите е во финална фаза и се очекува конечната листа, а се гради и во Кочани како и во Сарај и Дебар.
„Владата преку изградбата на социјалните станови нуди реално решение на несигурноста во домувањето, стабилно живеалиште за сите оние кои се наоѓаат во економски или социјални потешкотии. Со развојот и реализацијата на овој тип на инфраструктурни проекти градиме инклузивно општество во кое секое лице и покрај економските и социјалните предизвици, ќе може да напредува и да го негува својот живот. Остануваме посветени и неуморни, секој граѓанин и граѓанка, без оглед на својот социо-економски статус да го оствари своето основно човеково право, правото на безбедно и достоинствено домување”, изјави Битиќи.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, во нејзината изјава осврна на рехабилитацијата на регионалниот пат Катланово-Велес.
„Рехабилитацијата на регионалниот пат Катланово-Велес и поврзувањето на Велес со Велешкото Езеро ќе придонесе кон економскиот локален развој, подобри услови за патување и поголем број на туристи. Ова исто така, значи и врзување на два важни сегменти – подобар и безбеден транспорт, но и подобри услови за управување со отпадот. Со обезбедување проток на транспортните возила за отпад, ќе се овозможи функционирањето на регионалните системи и одржливото управање со отпадот”, рече Шукова.
Можеби ќе ве интересира: