Основното јавно обвинителство информира дека во обвинителството пристигнале обдукциските наоди за Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски кои беа пронајдени мртви на 3 декември во околината на Скопје и Велес.
Станува збор за наодите што се дел од истрагата која Основното јавно обвинителство Скопје ја води против Љупчо Палевски – Палчо, првоосомничен за убиствата на Ѓорчевска и Панче, кој е во притвор во Турција и се чека на неговата екстрадиција, и уште петмина други осомничени.
Истрагата за убиството на 14. годишната Вања Ѓорчевска и 74. годишниот велешанец Панче Жежовски започна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и каратистот Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.
Во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември
Од обвинителството соопштија дека наодите нема да се објават јавно.
Можеби ќе ве интересира: