Ригорозни мерки за пушачите во 2024 година најави денес министерот за здравство, Фатмир Меџити. Одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот став за загадувањето, кое ги полни болниците и дали треба да има мерки за заштита, министерот Меџити првин рече дека тоа е надлежност на Министерството за животна средина, а потоа сподели момент од денешниот утрински колегиум, кој се однесува на засилени мерки против пушењето.
„Еве, денеска, имав колегиум со службите, го одржуваме секој понеделник наутро. Она што можам да ви најавам е дека ќе има ригорозни мерки за пушењето во 2024 година. Ќе потпишеме протокол со Светската здравствена организација. Е, сега, нека си ја мислат пушачите како понатаму“, рече министерот Меџити днес по отворањето на „Роса школа за доење“ во Клиничка болница Тетово.
И сегашниот Закон за заштита од пушењето предвидува ригорозни мерки, кои исклучуваат можност за пушење во институции, но особено во Скопје речиси и да нема институција што не мириса на чад од цигари. Кафеаните и кафулињата цела година работат во летни тераси, каде што е дозволено пушењето, а има и такви што само декларативно забранија пушење, па не ставаат пепелници на масите, но им кажуваат на гостите отпушоците да ги фрлаат на подот оти поради инспекциите, не смееле да стават пепелници.
Можеби ќе ве интересира: