Управата за јавни приходи (УЈП) објави информации за начинот на кој нафтени компании со лажни фактури сакале да добијат поврат на ДДВ и исплати по основ на данок на личен доход. На брифинг со новинарите, денеска директорката Сања Лукаревска информираше дека спречена била измама вредна над 160 милиони денари по основа на ДДВ, а по основа на личен доход сумата изнесува речиси 19 милиони денари.
Таа информираше за спроведени контроли кај три даночни обврзници регистрирани за вршење дејности трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало.
„Станува збор за тројца даночни обврзници и петмина добавувачи. Дел од нив извршиле промена и назив на правно лице, но и промена на сопственичка и управувачка структура, па нови управители се странски државјани. Имаме наод од инспекторите, кај првиот и третиот обврзник, првичен сопственик било едно лице кое во 2023 година го има сменето презимето, а овластен сметководител е едно исто правно лице. Кај сите три случаи нема лиценца за трговија со нафта од Регулаторна комисија за енергетика, немаат бензиска пумпа и немаат складишен простор за да ја чуваат нафтата“, рече Лукаревска.
Таа информира дека констатираните состојби и докази се доставени до истражните органи на постапување – Јавното обвинителство, МВР и Управата за финансиска полиција.
Можеби ќе ве интересира: