Министерството за економија нема да ја продолжи мерката за гарантирани цени која завршува на крајот на месецов, туку, како што најави ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе го чека носењето на Законот за забрана на нефер трговски практики со кој, според него, ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
„Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи“, изјавил Бектеши за МИА.
Инаку гарантираната цена е цената која производите ја имаа на 1 август 2023 година, намалена за 10 проценти.
Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, како што кажа, уште во декември 2023 година, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата и доставен до Собранието.
„Законското решение со кое се става ред во нелојалната конкуренција во трговијата и се воведуваат фер практики помеѓу трговците и добавувачите во синџирот со земјоделски и прехранбени производи се очекува оваа недела да влезе во второ читање во комисиите во Собранието“, посочил Бектеши.
Можеби ќе ве интересира: