Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе го даде максимумот во следниот период, за државата да гарантира фер и демократски избори. Министерот Тошковски уверува дека службите се подготвени и се разгледуваат сите активности на оперативниот штаб.
Но, дилемите на министерот останаа, а од Владата иако му ветиле, не му испратиле правно објаснување – зошто бил поставен началник на Секторот за внатрешни работи Тетово пред Тошковски да стапи на функцијата.
„Владата оценила дека само СВР Тетово не треба да има соодветен легитимитет којшто би требало да ја пренасочи одговорноста од аспект на гаранција за спроведување на фер и демократски избори. Тоа би значело јас да поставам началник на СВР Тетово, дополнителниот министер да постави началник на СВР Тетово и притоа ние да гарантираме од аспект на законска предвидливост и законска одговорност, за целокупната постапка којашто би требало да се спроведе во рамки на овие триесетина дена колку што остануваат“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во насока на изборите, управните служби на МВР викендов ќе фотографираат млади лица коишто немаат документи, се со цел да можат да го остварат своето избирачко право. Предност ќе се даде на лицата кои немаат патна исправа, а сакаат да обезбедат лична карта, посочи Тошковски.
„Секој еден од нашите млади граѓани коишто наполниле 18 години или ќе наполнат во овој временски период, ќе може да дојде за да се фотографира за да обезбеди лична карта којашто ќе биде обезбедена за разумен временски период, за да може да се легитимира во рамки на избирачките места и да си го оствари своето право на глас“, рече министерот Панче Тошковски.
За ова реагираше дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев. Тој на социјалните мрежи напиша дека тој модел на фотографирање постоеше од октомври и тоа без возрасна ограниченост.
„Проектите кои биле успешни ги укинуваат, па сега пак ги враќаат некако модифицирано назад, со цел да прикажат дека нешто сработиле и направиле некаква измена“, рече дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Бојмацалиев.
Министерот Тошковски денеска беше во посета на СВР Скопје. Во пресрет на изборите, тој бил информиран дека безбедносната состојба на територија на Скопје, но и целата територија на државата е стабилна.
Можеби ќе ве интересира: