Од она што го дознаваме за состојбите во државата, ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост каде институциите се доведени пред буквална пропаст и незапаметена нефункционалност. И за се ќе биде известена јавноста, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во експозето како мандатар за новата влада на денешната собраниска седница.
Мицкоски додаде дека ова не го говори како изговор туку дека одлучно ќе се одговори, затоа што оваа генерација нема опција за неуспех и заедно ќе мора да направиме големи чекори напред.
„И затоа нема да барам никакви 100 дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш. Впрочем немавме ниту една секунда изминатиов период. Веќе во вторник најавувам нова инвестиција над 400 милиони евра, потоа ќе ги намалиме даноците, покачиме пензиите, ќе обезбедиме пари за капитални проекти. Доста времето се трошеше на измислени теми, и етнички прашања, време е да се засукаат ракавите решат проблемите и ова да биде влада на економија и развој. Тоа го сакаат сите“, истакна Мицкоски.
Програмата на Владата и концептите на партиите кои се дел од мнозинството се различни од ветувањата коишто беа дадени пред граѓаните, а прашањата кои беа отворени во минатото на манипулативен начин и се наметнуваа во јавноста ги нема воопшто, рече пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група Оливер Спасовски денеска во македонското Собрание во расправата за избор на Влада.
„Првиот основен приоритет, нашето членство во Европската унија во програмата е со сосема различен концепт од оној што го застапуваше како опозиција во изминатите 8 години и во времето на предизборието, како што е почитувањето на Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка. Факт е дека нема ниту збор за укинување на Преспанскиот договор, ниту збор за укинување на Договорот со Бугарија и факт е дека нема план за тоа како ќе ја промените преговарачката рамка за којашто зборувавте со години наназад дека нема да ја прифатите“, рече Спасовски.
Деновиве се гледа и промената на личниот став на Мицкоски за Преспанскиот договор, потенцираше Спасовски.
„Ако ги погледнете изјавите од пред изборите, во коишто најавувате дека нема да го користите уставното име или дека нема да ја користите придавката денеска најавивте дека тоа ќе го направите. Тоа ли е новиот концепт? Ако е така чесно е да биде тоа кажано пред граѓаните. Затоа што едно е пред граѓаните да речете дури и мандатот ако треба нека ми го одземат јас нема да ја користам придавката на името а денеска овде пред македонското Собрание зборувате како мандатар најавувате почитување на Преспанскиот договор и уставното име на државата“, рече Спасовски.
Многу од проектите коишто се дел од Програмата немаат рокови за реализација, нема финансиска конструкција како и на кој начин ќе се дојде до реализација, а не се зборува ништо ниту за задолжувањето од 1 милијарда коешто се најавуваше во јавноста, дополни Спасовски.
„Има дел во програмата коишто сте ги ставиле како големи достигнувања а веќе постојат и функционираат. Тоа зборува за една програма за работа којашто е напишана со цел само колку да кажете дека нешто ќе правите во иднина. На пример во делот на безбедноста и одбраната сте навеле дека ќе воспоставите систем за видео надзор на граничните премини. А таков систем функционира веќе 30 години на сите гранични премини. И тоа не е еден систем туку два, и на Царинската управа и на МВР“, рече Спасовски.
Можеби ќе ве интересира: