Во велешко е регистриран уште еден случај на каснување од змија. Се работи за маж од селото Бањица кој бил каснат од змија додека ги миел рацете на чешмата во дворот од семејната куќа.
Мажот, по настанот кој се случил во понеделникот околу 20.50 часот е пренесен во велешката болница и е надвор од животна опасност, a според неговото кажување бил казнат од поскок.
Неговото семејство во интерес на времето веднаш со автомобил тргнало кон велешката болница, а притоа се јавиле во службата за Итна помош. Тој на патот кај село Клуковец бил преземен од екипа на Итна медицинска помош и веднаш му бил даден змиски противотров и му била укажана медицинска помош, по што итно бил однесен во Ургентниот центар на велешката Општа болница, информира за МИА, Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница.
Пациентот бил задржан на Одделението за интерни болести при Општата болница во Велес, а денеска бил прегледан од инфектолог, кој констатирал дека е во добра здравствена состојба и може да биде пуштен на домашно лекување.
Инаку ова е трет случај на каснување од змија за десет дена во велешкиот крај.
На 28-ми јуни, две лица кај селото Војница беа каснати од една змија откако при работа на лозје наишле на змиско гнездо.
Изминатиот месец и Центарот за управување со кризи (ЦУК) упати апел да се внимава при прошетки во природа поради присуство на змии. Оттаму велат дека змиите најчесто бегаат од луѓето, но доколку бидат вознемирувани или случајно нагазени или наседнати тогаш може да нападнат и да каснат.
Од ЦУК потсетуваат дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат.
Можеби ќе ве интересира: