Фудбалската федерација на Македонија и официјално го суспендираше „Градскиот стадион“ во Кавадарци по инцидентите што се случија за време на натпреварот помеѓу Тиквеш и Вардар одигран во неделата во рамки на 6.коло во Првата македонска фудбалска лига. Скопскиот тим службено го добива натпреварот.
Главниот судија на дуелот Александар Ставрев го прекина натпреварот во судиското продолжение откако неговиот помошник Гоце Петрески беше удрен со пластично шише од публиката во Кавадарци. До тој момент Вардар водеше со 0-1.
ФФМ одлучи да го суспендира теренот на Тиквеш до донесување на конечната одлука на Дисциплинската комисија. Можно е „Градскиот стадион“ во Кавадарци да биде суспендиран за неколку натпревари и Тиквеш да игра како домаќин на друг стадион или без публика.
Комисијата за натпревари при ФФМ го регистрираше натпреварот со службена победа за Вардар од 0-3.
За потсетување, до инцидентот дојде во самиот финиш откако Тиквеш постигна гол за 1-1, но истиот беше поништен поради офсајд. Тоа предизвика револт кај домашните навивачи, кои потоа го удрија помошникот судија со полно пластично шише.
Интересно е тоа што Тиквеш во неделата во своето соопштение на социјалните мрежи тврдеше дека помошникот судија не бил удрен со тврд предмет од публиката и дека симулирал повреда, бидејќи сакал да ја сокрие својата погрешна проценка при голот на домашниот тим.
Можеби ќе ве интересира: