Изградба на нов мост кај Башино село, на еден од влезовите во Велес најави министерот за транспорт Александар Николовски, на денешната посета на зградата наменета за семејства со ниски примања во Велес.
Во друштво на градоначалникот на Велес, Марко Колев како и пратениците од владеачката партија Александар Јамалов и Игор Здравковски, минисерот Николовски рече дека дека Јавното претпријатие за државни патишта веќе работи на решението за новиот мост.
“Изградбата на нов мост кај Башино село ни е изборно ветување. Во моментов ЈП за државни патишта работи на проектирање на нов мост и со буџетот за следната година очекувам да се избере изведувач кој ќе го изгради овој мост како капитален објект кој е потребен на општина Велес. Стариот мост не може да се реконструира и затоа е потребно изградба на нов мост.
Дополнително преку Македонија пат инвестираме 44 милиони денари за реконструкција на еден од влезовите во Велес а тоа е потегот од Башино село до мостот на река Вардар и следна фаза од Башино село до Велес”- истака министерот Николовски.
Николовски најави бројни инфраструктурни проекти за сите опшините оваа година, како поддршка од Владата во висина од 100 милиони евра кои се дел од 250 милиони евра, наменети од унгарскиот кредит за локалните самоуправи.