Со новиот Закон за енергетиката на регулаторот му се доделуваат сериозни ингеренции во процесот на пазарното поврзување со соседните земји со цел зголемена конкурентност, пониски цени, поголеми инвестиции, посочи Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) на панелот „Обновливи извори: Стратешки преглед на имплементацијата на обновливи извори на енергија“ на конференцијата организирана од Македонското здружение за обновливи извори на енергија (МАРЕС).
„Ние сме инволвирани во пазарното поврзување помеѓу Грција, Македонија, Албанија и Косово преку проект на УСАИД. Главната цел е да станеме интегриран дел од паневропскиот пазар. Со новиот Закон за енергетиката се оди кон либерализација на пазарите, што поттикнува инвестиции. Со овој процес за пазарна интеграција нашите компании ќе имаат можност да учествуваат на пазарите во соседните земји“, посочи Бислимоски.
РKE и со Законот за енергетиката, кој е во сила и во кој е имплементиран третиот енергетски пакет како новина, воведе надзор на пазарите на електрична енергија и природен гас.
„Ние имаме развиено мониторинг-платформа во која се агрегираат податоците од сите учесници на пазарот и доколку утврдиме непазарно однесување, може да почнеме соодветни постапки пред судовите. Нефер пазарно однесување ќе се казнува со дел од приходот“, објасни Бислимоски.