КМФ Кеги Моби врза две победи во првенството и полека се приближува кон средината на табелата на Првата македонска футсал лига. Јунак на победата над екипата на КМФ Бутел беше Марио Атанасовски кој постигна пет погодоци во победата од 6:5.
Велешани лошо го отворија натпреварот, и веќе до 4 минута со головите на Тодоровски и Јаневски, домаќините имаа предност од 2:0. Но тогаш на сцена стапи Атанасовски кој до крајот на полувремето постигна три погодоци и на одмор се замина со резултат 3:3.
Во второто полувреме Атанасовски продолжи да ја тресе мрежата на Бутел па до 25 минута КМФ Кеги Моби имаше предност од 5:3. Домаќините преку Каранфиловски намалија на 5:4 но Иван Николовски во последната минута од натпреварот донесе радост за велешани. Во следниот напад Абази само го ублажи поразот за конечни 6:5, за Кеги Моби.
Кеги Моби по девет одиграни кола се наоѓа на осмата позиција со осум бода. Првенството во Првата македонска футсал лига продолжува во март месеец следната година.