Реклама

(ВИДЕО) Погледнете како изгледаше настапот на велешкиот рок бенд „Ван Гог“ пред 30 години

Van Gog

Велес отсекогаш имал одлична поп-рок сцена. Првите бендови почнуваат да се формираат уште во 60-тите години на минатиот век, па така, од оние најзначајните, ќе ги споменеме групите „Триумфи“, „Лебеди“, „Магична крв“. Постарите велешани сеуште се сеќаваат на игранките во холот на гимназијата „Кочо Рацин“, на кои овие бендови ја забавувале тогашната младина. За жал, видео материјал од овие настапи нема.

Zito akcija 640x289px

Триесетина години подоцна, со осамостојувањето на Македонија, на почетокот на 90-тите години од минатиот век, доаѓа до експанзија на рокенрол културата. Тој „вирус“ го зафати и Велес, па во тој период се појавија десетици бендови, кои настапуваа на концерти, а дел од нив и снимија албуми, како што се групите „Ла Манш“ и „Струјно коло“.

Agria

Тогашното кино „11 Октомври“ беше сцената, на која многу од овие бендови настапуваа, а за среќа, благодарејќи на велешаните Борче Стојанов и Роберт Трајков, кои во тој период членуваа во неколку поп-рок и хеви метал бендови, на youtube каналот е зачуван видео материјал од концерт на повеќе велешки групи, насловен како „Велешка рок лига“, кој го снимал Телевизија Здравкин. Концертот е одржан есента 1991 година, пред преполната сала на киното.

Во следниот период ќе ви ги пренесеме настапите на неколку бенда на овој концерт. Многумина кои тогаш членуваа во бендовите, денеска се успешни бизнисмени, адвокати, лекари, инженери. Можеби некој од вас и ќе се препознае себе си во публиката.

Овој пат ви го пренесуваме настапот на рок групата „Ван Гог“, во која како вокал се појавува Димче Јосифовски, неговиот брат Златко Јосифовски, денес снимател во Телевизија Здравкин, свири гитара, а на последната песна од овој настап и на тапани, а тука се уште и Горан Костов на гитара, кој ќе го видите и во улога на тапанар и Кирил Гајдов на бас гитара. Инаку, Гајдов денес е дел од политичката сцена, како член на Советот на Општина Велес.