Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се соочува со сериозни предизвици во своето функционирање поради немање национална стратегија за заштита и спасување, недостиг на квалификуван персонал и неадекватно управување со имотот и опремата. Ова создава значителни ризици за безбедноста на земјата, особено во услови на природни непогоди и други несреќи, каде брзата и ефективна реакција е од клучно значење, соопшти Државниот завод за ревизија (ДЗР).
ДЗР изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на ДЗС за 2023 година.
„Со извршената ревизија изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики. Со одлуки на Владата во 2005 година на ДЗС и се отстапени на користење вкупно 198 објекти (100 засолништа и 98 деловни простории – канцеларии, магацини, гаражи и друго). Во деловните книги се евидентирани 24 градежни објекти (12% од вкупниот број на доделени објекти), но за нив не беа презентирани имотни листови и документација за применетата методологија по која е извршена проценката на нивната вредност. Во 2019 година ДЗС до Бирото за судски вештачења има доставено барање за извршување процена на 32 градежни објекта. Бирото доставило Процена на вредноста, но до денот на известување од извршената ревизија деловните објекти не се евидентирани во деловните книги на ДЗС“, наведува ДЗР.
Според ревизијата, за останатите 142 градежни објекта (72% од вкупниот број дадени на користење) не е почната постапка за проценка на вредноста и евидентирање во деловните книги на ДЗС, иако за оваа состојба дадена е препорака и во Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија за 2010 година.