Вкупно осум лица повредени во пожарот што избувна во дискотека во Кочани се хоспитализирани во Универзитетската болница „Н. И. Пирогов“ во Софија, изјави на прес-конференција директорот на болницата, д-р Валентин Димитров, јави БТА.
– Ќе биде направено сè што е потребно, болницата располага со сите неопходни ресурси, нагласи тој. Додаде дека сите пациенти биле донесени во тешка состојба на термички шок, што е сериозна закана за организмот, независно од брзината на лекарската интервенција.
– Сега претстојат средби со семејствата на пациентите кои беа транспортирани од Кочани, додаде тој.
Шест други повредени лица се примени во Воената болница во Варна и во болницата „Св. Георги“ во Пловдив.
Бугарија презеде обврска да прими 14 лица на лекување.