СДСМ утрово соопшти дека очекувале оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најмалку од морални причини, по трагедијата во Кочани. Тврдат дека „морален пораз за Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ е советничка во Советот на општина Кочани од оваа партија да поднесе оставка од морални причини, а тој не“.
-Вечерта на трагедијата, постоеле одговорни раководители во ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ кои биле на позиција. Имало полицајци на лице место – виделе што се случува, имале увид во состојбата, знаеле дека има малолетници, пиротехника но не презеле ништо. И денес, никој од нив не е опфатен со истрагата. Дури и дозволата за употреба на пиротехнички средства – директна причина за пожарот – паѓа под надлежност на МВР. А од МВР, ниту еден актуелен функционер не е осомничен. Зошто нема одговорност за дежурните полициски службеници, раководители и функционери? Зошто се гонат лица кои воопшто не биле надлежни во моментот на трагедијата, а не оние што требале да реагираат и спасат животи? Дали ова не е понижување на правдата и селективна заштита на функционери блиски до Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ?, прашуваат од СДСМ преку соопштение.
„Барам прошка од граѓаните кои ми го дадоа својот глас. Им ветив многу, а исполнив малку – не затоа што не сакав, туку затоа што приоритетите на раководството беа други“. Советничката ја обвини локалната власт за игнорирање на реалните потреби и фокусирање на лични интереси.
Тошковски вчера порача дека против секој за кој има докази е поднесена пријава. Истрагата за трагедијата во Кочани не е завршена, се постапува по над 50 осомничени. Не се поштедени ниту припадниците на полицијата.
„Сега, амнестија, јас не можам да се согласам дека има. Заради тоа што Министерството за внатрешни работи има поднесено во континуитет три кривични пријави, можеби и четири и се постапува по над 50 осомничени. Не можеме да се компарираме дури ни со случаи коишто се случиле од ваков тип во далеку поразвиени земји, од аспект на колку далеку е отидена истрагата“, изјави Тошковски.
На 16 март загинаа 59 млади луѓе, ден потоа почина и возачот на Итната медицинска помош, а пред неколку дена на повредите подлегнаа и двајца потешко повредени, кои се лекуваа во странство.