Тригодишно дете е тешко повредено во сообраќајната несреќа што попладнево се случи кај Театарот во Велес. На местото на несреќата прва пристигнала екипа на итната медицинска помош, која веднаш го транспортирала детето до велешката болница. По првата помош, детето е пренесено на клиниките во Скопје за понатамошно лекување.
„Неговата здравствена состојба беше исклучително тешка. Детето на возраст од три години ја имаше изгубено свеста. Прво што сторивме беше интервенција во која го обезбедивме дишниот пат а потоа го мобилизиравме и веднаш го транспортиравме на Ургентен центар во Општа болница Велес“, соопштија од велешката болница.
Лекарите во велешката болница извршиле преглед и спровеле итни рентгенски и компјутеризирани томографски снимања за утврдување на сериозноста на повредите на тригодишното дете.
„Резултатите од снимањата ги потврдија првичните сомневања на лекарите специјалисти по хирушки болести дека три годишниот пациент има крварење во пределот на главата. Затоа тешко повреденото детенце, на кое му е потребна сериозна помош поради здобиените повреди, со возило за Итна помош е пренесено на Клиника за неврохирургија која е дел од скопскиот Клинички центар, портпаролот на Општа болница Велес, Ванчо Граматов.
Сообраќајната несреќа се случила попладнево, по 16:30 часот, на улицата „Благој Ѓорев“, во близина на театарот во Велес. На местото на несреќата веднаш пристигнала екипа на Секторот за внатрешни работи, која извршила увид и започнала со истрага за утврдување на околностите и причините за инцидентот. Поради извршувањето на увидот, сообраќајот во овој дел од градот се одвиваше со потешкотии и забавено.