(ВИДЕО) COSPLAY – Гласот од срцето на Македонија

Од Велес, градот на гемиџиите, културата и силната традиција, ни доаѓа Cosplay – музички бенд составен од двајца млади и посветени музичари кои чекорат со сигурни чекори кон афирмација на македонската современа сцена. Зад името стојат Благој Натов – Баже (гитара и вокал) и Симеон Иванов (клавијатури и вокал), двајца пријатели и музички соработници чие творештво е плод на спој на различни карактери, но исто срце – љубовта кон музиката.

„Cosplay настана како резултат на судир на две енергии, два индивидуалци – еден кој потекнува од академскиот музички свет, другиот самоук пејач и гитарист, но со иста амбиција: да создава музика што ќе зборува од срце“ – велат тие.

Agria

Иако формално постојат како бенд околу четири години, Cosplay имаат повеќе од седум години искуство на сцена, настапувајќи низ цела Македонија на најразлични настани. Велес отсекогаш бил нивна основа, но нивниот звук веќе одамна ја надминува локалната рамка. Летото 2024, тие имаа чест да настапат во дискотека во Кавос, Грција, што го сметаат за едно од своите најзначајни искуства надвор од татковината.

„Инспирацијата ја црпиме од сите стилови на музика со кои сме пораснале, но и од она што вистински го чувствуваме. Музиката за нас е начин на изразување – не бегање од реалноста, туку директно соочување со неа.“

Во 2024 година, Cosplay го издаваат својот прв сингл, а само неколку месеци подоцна и вториот, насловен „Писма“, за кој снимија и видеоспот. Спој на меланхолија и сила, песната е целосно авторска, со продукција и аранжман на Темелко Андреев, и визуелна приказна од студиото Пента.

„Сакаме еден ден, преку нашата музика, да го претставиме Велес на едно големо платно, пред голема публика, со наш албум зад нас. Тоа ќе ни биде најголема гордост.“

Моментално, бендот работи на својот прв студиски албум, а иако насловот сè уште не го откриваат, ветуваат дека ќе биде искрен одраз на нивната автентичност и желба за уметничко напредување. Баже, гласот и гитарата на Cosplay, е целосно посветен на музичката кариера, моментално невработен, но секојдневно активен и креативен. Симеон, покрај музиката, работи како корепетитор во средното музичко училиште во Штип, со што успешно ги спојува професионалната и авторската страна на својот живот.

Cosplay не само што градат музика, туку и приказна – за соништа, за пријателство, за истрајност. Од срцето на Македонија, тие веќе тропаат на вратите на пошироката публика. И не планираат да застанат.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: