Иако во последните три години е постигнат напредок во обезбедувањето современа медицинска опрема и нејзина регионална распределба, дел од таа опрема сè уште не е ставена во функција или не се користи доволно.
Ревизијата на Државниот завод за ревизија открива дека главни причини се недостатокот на стручен кадар, неадекватни просторни услови и технички пречки. Од вкупно 57,7 милиони евра вложени во опрема, 18,6 милиони се однесуваат на уреди кои не се користат или не функционираат со полн капацитет.
Пет линеарни акцелератори, набавени за онколошки третмани, не се ставени во употреба. Дел од ангиографите и КТ уредите исто така се неискористени или расипани, а некои здравствени установи немаат ниту стручен кадар за нивно користење.
И покрај зголемувањето на потребата за дијагностика и третмани, бројот на радиолози е намален, а дел од опремата сè уште чека на просторија или соодветна обука за персоналот.
Институтот за ПЕТ скенирање, единствен во земјата, работи со само еден уред, а неговиот Циклотрон не се користи во целост.
Ревизијата утврди и лоша евиденција на здравствени услуги, нефункционален систем за закажување, и отсуство на листи на чекање.
Како последица, постои нееднаква достапност на услуги и ризик од преоптоварување на дел од здравствените установи.