Општата болница во Велес доби значајна донација од компанијата „Маркард Македонија“ – два современи кардиотокографи (ЦТГ апарати), наменети за Одделението за гинекологија и акушерство. Апаратурата веќе е ставена во функција и ќе овозможи подобрена здравствена грижа за трудниците и новороденчињата.
ЦТГ апаратите, со вредност од над 200 илјади денари, се користат за следење на срцевата работа на фетусот и матичните контракции, што е особено важно во последните недели од бременоста и за време на породувањето.
„Новата апаратура ни овозможува поефикасно и прецизно следење на состојбата на трудниците и фетусот, што значително ја зголемува безбедноста при породувањето и овозможува навремена реакција доколку се појават ризици или компликации.“, рече д-р Силвија Богоевска, раководител на Одделението за гинекологија и акушерство.
Донацијата е дел од активностите со кои „Маркард Македонија“ го одбележува јубилејот – 10 години постоење на компанијата во земјава, како и 100-годишнината на матичната групација.
„Решивме јубилејот да го одбележиме со донација која има вистинско значење за заедницата. Болницата во Велес ја избравме затоа што сметаме дека здравјето е приоритет, а поддршката на гинеколошкото одделение директно придонесува за безбедноста на мајките и децата во регионот“, изјави Елена Талеска Џалева, претставник на „Маркард Македонија“.
Ова не е прва хуманитарна активност на компанијата, која и во минатото реализираше повеќе донации на локално и национално ниво.