Возачот Васил Јованов, кој на 29 јануари 2025 година, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, преминал на црвено светло и ја прегазил младата дизајнерка Фросина Кулакова на пешачки премин, е осуден на 12 години затвор. Покрај тоа, му е изречена и забрана за управување со моторно возило. Судот го прогласи за виновен, при што судијката Снежана Марковска објасни дека најниската казна за вакво дело е четири години, додека највисоката може да достигне 20 години затвор.
„Обвинетиот Васил Јованов е виновен. Судот го осудува на казна затвор во траење од 12 години. Му се изрекува и забрана за управување со моторно возило“, изјави судијката Марковска.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, беше многу револтиран од висината на казната и ја напушти судницата.
„Судот е мафија!“, рече тој и ја напушти салата.
Судијката ги образложи отежнителните околности кои довеле до ваквата казна.
„Ние ја разгледавме тежината на делото, отежнителните и олеснителни околности. Ги земавме предвид претходните прекршоци на обвинетиот, како и други аспекти од неговиот живот. Судот ги ценеше сериозноста на прекршувањата и нивното влијание, како и последиците за семејството на жртвата“, изјави Марковска.
Таа го нагласи и фактот дека Јованов претходно бил осуден за неовластено производство на психотропни дроги, како и за кршење на сообраќајни прописи. Судот го ценел и неговиот поранешен живот, но исто така и фактот дека Јованов продолжил да управува со возило и да крши закони, иако бил на пат за издржување казна за претходно извршено кривично дело.
Судот, сепак, ги земал предвид и олеснителните околности, како што се позитивните препораки од неговите спортски и образовни достигнувања, неговата возраст (20 години во моментот на делото) и неговото покајание.
„Јованов ја изрази својата вина, се извини и понуди сочувство на семејството на жртвата“, додаде судијката, нагласувајќи дека неговото покајание било одраз на неговиот однос кон случката и последиците кои ги предизвикал.
Родителите на Фросина Кулакова, како и на Васил Јованов, беа присутни во судницата. Јованов на почетокот на процесот ја призна вината и се извини.
„Разбирам за што сум обвинет. Ќе се произнесам за мојата вина. Сакам да изразам најдлабоко сочувство кон целото семејство. Да се извинам за тоа што го сторив. Да суде, виновен сум“, изјави тој на првото рочиште.
Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Јованов управувал со возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Ударил во Фросина Кулакова која преминуваше на зелено светло на пешачки премин, при што од силата на ударот таа починала на лице место.