Продолжува судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски: Нови докази од Обвинителството

pance-zezovski-vanja-gjorcevska

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судскиот процес за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кои беа пронајдени мртви на 3 декември 2023 година во близина на Скопје и Велес. На минатото рочиште официјално заврши доказната постапка, а судот пристапи кон разгледување на дополнителни докази предложени од страна на Обвинителството.

Во текот на изминатото рочиште, обвинителката Ана Стојковиќ презентираше видеоснимки од безбедносните камери поставени кај сведокот Велибор Манев. На една од снимките, која беше прикажана во судницата, се гледа како Манев става лопата во возилото „Рено Кангу“, што според Обвинителството укажува на претходна подготовка за убиство, а не само на киднапирање на Вања Ѓорчевска, како што тврдат обвинетите.

Agria

Одбраната, од своја страна, продолжи со настојување да ја демантира верзијата на настаните изнесена од Обвинителството. Обвинетиот Љупчо Палевски презентираше службени белешки од видеоснимки од камерите на Хотел Романтик, со кои, според неговите тврдења, се потврдува дека во грабнувањето на Панче Жежовски учествувале три, а не четири лица.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на обвинетиот Александар Ѓорчевски, најави дека ќе побара дополнување на доказната постапка во делот што се однесува на имотната состојба на неговиот клиент. Тој посочи дека постои активна постапка за денационализација на значителен имот во Кучково, што според него е релевантен елемент во случајот.

Вања Ѓорчевска (14) и Панче Жежовски (74) беа пријавени како исчезнати кон крајот на ноември 2023 година. По неколкудневна интензивна потрага, нивните тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година – Вања во близина на Скопје, а Панче кај Велес. Случајот предизвика огромна вознемиреност во јавноста, а судењето будно се следи од медиумите и граѓанскиот сектор.

Судењето продолжува денеска, а јавноста очекува нови детали кои би можеле да го осветлат мотивот и точниот тек на трагичните настани.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: