Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес достојно ја претставуваше Македонија на еден од најреномираните културни настани на светската театарска сцена – Меѓународниот театарски фестивал „МИТЕМ“, што се одржува во Будимпешта, Унгарија.
Во рамките на фестивалската програма, на 17 мај, македонскиот театар настапи заедно со Драмски театар – Пловдив од Бугарија со претставата „Без крв“, базирана на истоименото дело на италијанскиот писател Алесандро Барико. Сценската адаптација е на Александар Секулов, а режијата ја потпишува една од најзначајните бугарски режисерки – Диана Добрева.
На сцената на Националниот театар во Будимпешта, актерите Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Исидор Јованоски и Филип Христовски, заедно со композиторот Сашко Костов, оставија силен впечаток кај публиката и критиката, кои ги наградија со долготрајни аплаузи и позитивни реакции.
Настапот е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“, кој претставува културна соработка меѓу Народниот театар од Велес и Драмскиот театар од Пловдив, насочен кон продлабочување на културниот дијалог и заедничка европска театарска продукција.
Со учеството на „МИТЕМ“, македонскиот театар уште еднаш го потврди своето значење и квалитет на интернационалната сцена, носејќи ја македонската културна приказна пред светската публика.
