Истрага „Онкологија“: Поднесени двe обвиненија, 29 пациенти примиле несоодветна, а 16 непотребна терапија

onkologija

Поранешните директори на Клиниката за радиологија и онкологија, доктор Нино Васев (медицински директор) и Нехат Нухи (организациски директор), се обвинети во две обвиненија поврзани со случајот „Онкологија“, соопштија на денешната прес-конференција јавниот обвинител Љупчо Коцевски, обвинителот на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски и обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска. Во второто обвинение се опфатени и тројца лекари-онколози од истата клиника. Обвиненијата се поднесени до Основниот кривичен суд Скопје.

Според Коцевски, на Клиниката за онкологија биле утврдени сериозни злоупотреби, особено поврзани со набавката и користењето на скапата биолошка терапија. Бидејќи во Македонија не постојат услови за независно вештачење, доказите биле испратени на анализа во Словенија и Србија. Медицинската документација од 65 пациенти била предмет на вештачење, а резултатите покажале дека висок процент од нив не ја добивале потребната терапија.

Agria

Обвинителот Гаврил Бубевски изјави дека станува збор за крајно комплексен предмет, нагласувајќи дека во неговата кариера не работел на потежок случај.

„Практично, овој предмет е почнат по сознанија од истражувачки новинари. Финансиските злоупотреби, пак, беа видливи од извештаите на Државниот завод за ревизија. Но, во оваа сложена истрага, се обрна внимание и на протоколите за лекување, особено со биолошката терапија, што е многу сложена процедура, за кои имавме вештачења. Особено словенечкото вештачење беше многу сложено. Беа искористени сите видови на меѓународна правна помош, а тука истражниот центар на обвинителството ја заврши останатата работа. Со фактите и доказите во ова обвинение за тешки кривични дела, имаме многу докази и очекуваме осудителна пресуда”, рече Бубевски.

Првото обвинение во случајот „Онкологија“ се однесува на економското работење на Клиниката и опфаќа две лица – поранешниот медицински директор и организацискиот директор. Двајцата се товарат за продолжени кривични дела: злоупотреба на службена положба и овластување, измама во службата и проневера.

Обвинителството посочува дека делата биле извршувани во соизвршителство во период од 2018 до 2022 година. Тие, без валиден правен основ, набавувале скапи лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела – на реверс. Потоа, за да ги покријат реверсите, организирале постапки за јавни набавки кои, според обвинението, биле беспредметни, бидејќи добавувачите веќе ги фактурирале лековите што биле доставени однапред.

Со ваквиот начин на постапување, обвинетите овозможиле верификација на реверсите без целосна и вистинита документација, доведувајќи го Фондот за здравствено осигурување во заблуда. Наместо за законски преземени обврски, условниот буџет од Фондот бил одобрен за исплата на лекови набавени на незаконит начин.

Обвинителството укажува дека со тоа обвинетите ги пречекориле своите службени овластувања и постапувале спротивно на повеќе закони, вклучително и Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, Статутот на Клиниката, Законот за буџетите и Законот за јавни набавки.

„Со овие дејствија тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот на Македонија во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари“, рече Гоговска-Јакимовска.

Исто така, двајцата се обвинети за измама во службата бидејќи извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија да изврши незаконита исплата.

На тој начин прибавиле значителна корист за добавувачите на лекови во вкупен износ од над 430 милиони денари.

Обвинетиот медицински директор помогнат од организацискиот директор извршил и кривично дело – Проневера во службата, бидејќи преку постапките за набавка на лекови набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, па така постои разлика меѓу евидентирана требувана количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари.

„Ова е констатирано кај 9 пациенти за кои фиктивно се раздолжувани пет различни лекови. Дополнително, медицинскиот директор, користејќи ја неусогласеноста на состојбата на залихите искажана во сметководствената и материјалната евиденција и неусогласеноста помеѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организационите единици на Клиниката, за кои бил директно одговорен организацискиот директор, присвоил дел од лековите кои клиниката требало да ги има на залиха. Станува збор за вијали и таблети од вкупно девет лека – ‘херцептин’, ‘авастин’, ‘ербитукс’, ‘фулвестрант’, ‘тразимера’, ‘кадцајла’, ‘оксалиплатин’ од 50 и 100 милиграми и ‘зелбораф’ со кои за себе прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари“, кажа предметната обвинителка.

Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.

Првиот обвинет е исто така Васев,  кој во соизвршителство со друга лекарка на истиот оддел се товари дека извршил продолжени – Тешки дела против здравјето на луѓето и Несовесно лекување болни. Други двајца лекари се товарат за основното кривично дело Несовесно лекување болни и тоа сторено како продолжено дело, како повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.

„Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства, со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија со што тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите ова му било овозможено од втората обвинета која му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и препишувал терапија и свое корисничко име и лозинка со кои радолжувал терапија во ХИС системот на Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија.

Другите двајца лекари се обвинети за кривично дело – Несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории е утврдено дека одредувале терапија со лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија во фаза на лекувањето кога било многу очигледно дека пациентите од таквиот лек воопшто нема да имаат корист поради лошиот перформанс статус и немањето време да се развие механизмот на дејство,  без да биде наведена телесна тежина и висина на пациентите, со отстапувања во дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба“, кажа Гогова-Јакимовска, додавајќи дека не знаат каде завршиле лековите кои не ги добивале пациентите.

„Овој предмет е лекција за сите институции“, рече Коцевски.

Rontis oglas do 2 juni

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: