ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да ја испита улогата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче за случајот Онкологија, и да не го иззема од случаите настанати во негов министерски мандат.
Од владејачката партија велат дека после пресудата за Модуларната болница во Тетово, кривичната пријава за Онкологија е втор случај каде Венко Филипче, како поранешен министер за здравство во чие време се случија двата немили настани, се спасува од одговорност.
Со предметот што неделава беше отворен за случајот со Онкологија беа опфатени поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и на организациски директор Нехат Нухи, и четворица доктори онколози. Според обвинението, 29 пациенти примиле несоодветна, а 16 непотребна терапија.
Обвинителството поднесе жалба на одлуката на Кривичниот суд на двајцата поранешни директори да им определи куќен притвор. Јавниот обвинител е незадоволен од одлуката и бара од Апелацискиот суд да ја преиначи во ефективен притвор, бидејќи цени дека со поблага мерка не може да се гарантира непречено водење на кривичната постапка
СДСМ вчера соопшти дека вистината излегла на виделина за Онкологија, а лагите на ВМРО-ДПМНЕ кои сакале со криење документи да го прикажат Филипче како виновен, им пропаднала во вода. Наместо да се повлечат и да се извинат за своите лаги и манипулации, тие продолжуваат безочно да лажат и обвинуваат, реагираше СДСМ.
