Проф. д-р Намита Субиото и Оливера Ќорвезироска добитници на признанијата на 62-те „Рацинови средби“

62 Racinovi sredbi
На денешната прес конференција, Градоначалникот Колев во својство на претседател на Организацискиот одбор на меѓународната поетска манифестација „Рацинови средби“ ги соопшти одлуките за доделување на Рациновото и Почесното Рациново признание за 2025 година.
Годинава, жири комисијата на културната манифестација „Рацинови средби” во состав проф. д-р Илија Велев, м-р Игор Крајчев и проф. Искра Тасевска Хаџи- Бошкова, донесе одлука за доделување на годишните награди за 2025 година. По разгледување на неколку предлози, едногласно одлучи наградата “Почесно рациново признание” да ѝ биде доделена на проф. д-р Намита Субиото од Република Словенија.

Проф. д-р Субиото е вонреден професор по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, каде што од 2004 година ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност. Таа е истакнат македонист која три децении го афирмира македонскиот јазик, литература и култура на угледниот Универзитет во Љубљана, кој претставува расадник на македонистиката. Особено значајна е нејзината дејност на меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Подрачјата на нејзиниот научен интерес се современата македонска книжевност, македонско-словенечките книжевни и културни врски, како и книжевниот превод, истакна членот на жири-комисијата, Снежана Бошевска.

По исцрпна стручна расправа за секоја од разгледуваните книги, жири-комисијата едногласно одлучи наградата “Рациново признание” за 2025 година да ѝ се додели на Оливера Ќорвезироска за делото “Три Марии” во издание на Арс Либрис од Скопје.

Agria

Според оценката на жирито, книгата “Три Марии” впечатливо го допрецизира авторскиот творечки интегритет на писателката Оливера Ќорвезироска во актуелната современа македонска литература. Ова ново прозно дело суверено ќе го обезбедува местото меѓу читателската и критичко-проследувачката јавност преку читање, препрочитување и стручно толкување од повеќе аспекти на пристапување кон неговата содржинска повеќеслојност, структурна интерактивност и теоретски-поетиколошка детерминираност. Рациновите средби претставуваат една од најзначајните литературни манифестации во Македонија, која традиционално се одржува во Велес во чест на големиот македонски поет Коста Солев Рацин.

62-те по ред Рацинови средби се одржуваат од 07 до 17 јуни под слоганот „Зборот од мугрите – аманет што не згаснува“. Свеченото отворање на Рацинови средби е во четврток, на 12 јуни во 20 часот во театарот„Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ кога ќе бидат доделени и наградите, а претходно во фоајето на театарот изложба ќе има скулпторот Ангел Коруновски.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: