Новата песна од музичката кујна на Sidechain продукција „Фала на сите, извини на никој“ пред два дена ја имаше својата промоција на youtube каналот. Овој пат, на новата песна, на Mas$$ive му гостуваат познатите Nesho Авторизација и Sasha заедно со DJ Popeye.
Соработката со гитаристот Оливер Тевчев продолжува и на новата песна. Песната е одличен спој на повеќе стилови музика, во која преовладува хип-хопот, но модерниот аранжман, со ритам и блуз гитарски парчиња, симпатичните скречови и одличната продукција, зачинета со провокативниот текст, препознатлив кога се во прашање момците од Авторизација, ја прават оваа песна вредна за слушање.
„Оливер дојде во студио, му кажав која е замислата, бидејќи веќе имав поставено се. Тој ја направи магијата на гитара и долови и повеќе од тоа што барав. Песната ја снимивме пред извесно време и, како и секогаш, нашите текстови се реални и без влакна на јазикот. Без политикантски умилкувања. Секогаш бунтовни. Во нашите текстови има делови кои ја критикуваат македонската сегашност. А во исто време и се гордееме со тоа кои сме ние, од каде сме, од каде сме почнале, какви амбиции имаме. Благодарни сме на сите што биле со нас, па и против нас. И без извини, движиме напред. Без грам вина си го даваме правото да постигнеме повеќе. Имаме прекрасна земја, но „скапана“ политичка состојба. Без извини движиме напред и си даваме шанска за тоа, за што сме создадени“, вели Темелко Андреев ака Mas$$ive.
Тој е автор на музиката, а заедно со Nesho и Sasha го потпишуваат текстот на новата песна. Скречовите се дело на DJ Popeye.
Наскоро се планира песната да добие и свое видео.
Слушнете ја новата песна:
Поврзани вести: