Вкупно 27 пожари на отворен простор се регистрирани до 08:00 часот утрово. Од нив активни се два, еден е под контрола, а изгаснати се 24.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се пожарите во повеќенаменското подрачје „Јасен“, Општина Македонски Брод, каде е зафатена мешана шума, како и во селата Лојане и Табановце, Општина Куманово и Липково, каде гори ниска вегетација и мешана шума.
Под контрола е пожарот помеѓу селата Рогачево, Јажинце, Долно Орешје, Општина Јегуновце, каде се зафатени пасишта и мешана шума.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов вчера соопшти дека во гаснењето на пожарот се вклучени екипи на ЈП „Национални шуми“, ЈП „Јасен“ и на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје (БППЗ). За гаснење, напомена Ангелов, се користат сите можни ресурси.