Во рамки на одбележувањето на Денот на општина Чашка, денеска се одржа успешна крводарителска акција на која беа собрани вкупно 24 крвни единици. Акцијата помина во одлична атмосфера, а особено значајно е што еден од учесниците даруваше крв за првпат, со што се приклучи на семејството на хуманите граѓани на државата.
Крводарителската акција беше организирана од Црвениот крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина, со поддршка од Општина Чашка и основното училиште „Тодор Јанев“.
Во реализацијата на акцијата активно учествуваа и тројца волонтери од Основната организација на Црвен крст од Чашка, кои дадоа свој придонес за успешно спроведување на оваа хумана мисија.