Неформалната граѓанско движење „Кој е следен?“ со повик преку социјалните мрежи за денеска најавува протестен собир на Плоштадот Македонија во Скопје. Со собирот закажан за 20.16ч, се одбележуваат 6 месеци од една од најголемите несреќи во земјава, пожарот на 16 март во дивата дискотека „Пулс“ во Кочани со 62 жртви, од кои 6 деца и над 200 повредени, од кои многумина уште се лекуваат.
„Не беше несреќа, не беше трагедија, беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Вторник, 16 септември, 20:16 минути, младите повикаа на тивок собир и ѕвездено небо. Вака веќе не може. Не смееме да отрпнеме. Болката мора да ја почувствуваме сите заедно. Таа болка треба да нѐ разбесни и поттикне на акција. Најважно е да не престанеме да се бориме за вистината, да не останеме мени пред неправдата, да преземеме одговорност, секој на свој начин“, се веливо најавата за собирот на социјалните мрежи.
Исто така, организираа и поддршка со присуство во Кочани за поддршка на „Маршот на ангелите“ со кој секоја сабота родителите, роднините и граѓани бараат правда и одговорност за несреќата.
По тримесечна истрага, Обвинителството на 13 јуни поднесе обвинение за Тешки дела против општата сигурност против 34 физички и три правни лица. На 5 септември, Обвинителството му поднесе обвинителен акт и на реалниот газда на Друштвото за обезбедување на имот и лица „Рубикон секјурити солушн“, затоа што лично тој раководел со работењето на импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани и тој дал инструкции да се внесат пиротехнички средства, да се пуштаат малолетници по полноќ, да се работи без поднесен план за обезбедување настан со голем број лица и за други незаконски дејства кои му биле нему како сопственик на објектот, дозволени од власта и од полицијата.