Цените на златото продолжија да растат и во вторникот достигнаа нов рекорд од 3.759 долари за унца (31,1 грама), што претставува пораст од девет проценти само овој месец и вкупно 43 проценти од почетокот на годината. Инвеститорите сè повеќе бараат засолниште во златото поради геополитичките тензии, очекувањата за понатамошно намалување на каматните стапки и стравувањата дека финансиските пазари се преценети.
Традиционално безбедно засолниште, златото добива на значење поради бројните неизвесности, од војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток до стравувањата дека инфлацијата повторно би можела да излезе од контрола. Аналитичарите во швајцарската банка Swissquote проценуваат дека „тензичните геополитички ризици во Украина и Газа“ дополнително ја стимулираат побарувачката, потсетувајќи дека сè повеќе западни земји ја признаваат Палестина, што ги затегнува односите меѓу Израел и САД, објави Гардијан.
Иако златото не нуди ист принос како депозитите или обврзниците, падот на каматните стапки го ублажува тој недостаток. Намалувањето на референтната каматна стапка на ФЕД минатата недела отвори пат за понатамошно олеснување, а вниманието на пазарот сега е насочено кон денешниот говор на претседателот на ФЕД, Џером Пауел, за кого се очекува да сигнализира темпото на понатамошни намалувања.
За споредба, златото се тргуваше по 2.626 долари за унца во јануари, а денешната цена го става на пат за најдобри годишни перформанси од 1979 година, кога цената се зголеми за дури 127 проценти поради нафтената криза и инфлаторниот шок по иранската револуција.