Во пресрет на локалните избори закажани за недела, 19 октомври, вчера во Велес се одржа митинг на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата под слоганот „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“.
На митингот се обрати актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Марко Колев, кој побара поддршка од граѓаните преку гласање за бројот 9 на гласачкото ливче. Колев нагласи дека со довербата од граѓаните ќе може да продолжи реализирањето на капитални проекти за општината.
„Ќе работиме на изградба на нов мост кај Башино Село, обиколница за Велес, завршување на подземната катна гаража и новиот плоштад, како и на еколошка обнова и заштита на езерото Младост. Планираме и изградба на парк-шума во населбата Керамидна, реконструкција на Градскиот парк, противпожарниот дом и отворање на нов дом на културата“, изјави Колев. Тој истакна дека „многу е лесно да урнеш, а многу тешко да изградиш“, додавајќи дека во изминатите 15 месеци се градело внимателно, „тула по тула“.
На митингот се обрати и премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ги потсети присутните на реализираните ветувања кон пензионерите.
„Ветивме овде од Велес дека пензионерите во првата година ќе добијат линеарно по 5.000 денари. Тоа го реализиравме во првите 9 месеци. Во првата година и половина, зголемувањето ќе достигне 7.000 денари“, изјави Мицкоски.
Мицкоски повика на масовна излезност и поддршка за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, со порака дека продолжувањето на започнатите проекти зависи од изборната волја на граѓаните.