Во Драмскиот театар во Скопје, на 18 октомври, премиерно ќе се изведе претставата „Куршуми над Бродвеј“, во режија на велешанецот Ненад Витанов, кој со оваа постановка уште еднаш го потврдува својот уникатен и бескомпромисен пристап кон театарот. Претставата е работена по текст на Вуди Ален и Даглас Мекграт, а токму Витанов стои и зад нејзината драматизација.
На прес-конференција, Витанов истакна дека текстот е задржан во својата оригинална форма, без никакви интервенции, а костимите се автентични, верно пренесувајќи го духот на времето.
„Ова е претстава за непринципиелната коалиција меѓу мафијата и уметноста. На сцената се судруваат световите на актерите, авторите, режисерите и гангстерите – секој со своја вистина, секој со своја цена. Оваа претстава е театарски манифест. Манифест на театарот како храм и пазар, како сон и компромис, како место каде што секоја реплика е куршум – способен да погоди срце, да уништи или да спаси“, изјави режисерот Витанов.
Во претставата играат 15 актери – 13 од ансамблот на Драмски театар и двајца студенти од Факултетот за драмски уметности (ФДУ). Улогите ги толкуваат: Игор Стојчевски, Јована Спасиќ, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александра Павлова-Бубања, Роберт Вељановски, Александар Степанулески, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Златко Митрески, Дениз Абдула, Ања Митиќ, Игор Георгиев, Мартин Мазнев и Енис Билаловиќ.
Покрај режијата и драматизацијата на Витанов, креативниот тим го сочинуваат и сценографот Валентин Светозарев, костимографката Елена Вангеловска, како и Маја Каревски која работеше на сценското движење со актерите.