Велешкиот кошаркарски прволигаш Борец Баскет со пораз ја започна новата сезона во Првата лига, откако на гостувањето во Штип беше совладан од екипата на Соколи 1933 со резултат 90:71.
Домашниот состав ја контролираше играта во најголемиот дел од натпреварот и заслужено стигна до победата. Единствено втората четвртина заврши во корист на велешани, додека останатите три делници им припаднаа на Соколи 1933.
Борец настапи во значително ослабен состав, без неколку стандардни првотимци, Митрев, Чадамов, Несторовски и Виларов, кои поради повреди не беа во можност да настапат. Просторот на паркетот го искористија младите кошаркари. Шеснаесетгодишниот Коцевски беше дел од стартната петорка и одигра 35 минути, додека осумнаесетгодишниот Сапроновски беше најефикасен играч на Борец Баскет со постигнати 20 поени.
Натпреварот се одигра во одлична атмосфера и пред исполнети трибини во салата „Јордан Мијалков“, каде што домашната публика создаде вистинска спортска атмосфера.