Полицијата почна поригорозно да ги санкционира непочитувачите на Уредбата за носење на лична заштита. Само вчера, во Велес казнила 36 граѓани кои не носеле заштитни маски или не одржувале пропишана дистанца.
Од СВР Велес информираат дека за истиот прекршок во Кавадарци се санкционирани седуммина, а во Неготино 18 граѓани.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство во Велес до Основен суд Велес поднесе предлози за издавање казнени налози за пет граѓани кои го сториле кривичното дело од член 206 став 1 од Кривичниот законик – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Обвинетите биле затекнати од страна на полициските службеници како се движат пеш или со автомобил по улиците низ градот додека во сила била Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија.
Обвинителството на Судот му предложи на обвинетите за стореното кривично дело да им изрече парични казни во висина од 40 дневни глоби во износ од по 20 евра, односно вкупно по 800 евра во денарска противвредност.