Реклама

Екологистите бараат одговорност за вчерашното загадување на Вардар кај Велес

Еколошкото друштво „Вила Зора“ најостро реагира на повторниот еколошки инцидент и нарушувањето на животната средина во Велес од страна на, како што велат, поедини индустриски субјекти во градот. Од „Вила Зора“ велат дека не се против работата на индустриските капацитети во градот, но бараат контрола на емисијата на штетните материи во водата, почвата и воздухот и таа да биде во рамките на максимално дозволените концентрации.

Zito akcija 640x289px

„Прашуваме дали со излевањето на големи количини мазут , не е предизвикана општа опасност и дали за ова е поднесена пријава до надлежните органи? Дали е земен примерок од водата во реката Вардар и дали е пратен на испитување? Дали е известен државниот инспекторат?“, прашуваат од ЕД „Вила Зора“.

Agria

Реакцијата доаѓа откако вчера темни мрсни дамки пливаа во водите на реката Вардар кај Велес. А општинските власти соопштија дека загадувањето е последица од хаваријата во велешка Маслодајна, која испуштила околу еден тон мазут, од која дел, најверојатно заврши во Вардар. Се расипал грејач на котелот за мазут, кој почнал да се прелева. Количината била поголема, па ниту прифатниот базен не успеал да ја собере. Хаваријата се случи вчера, а вработените од велешка Маслодајна цел ден ја чистеа улицата, која полицијата ја затвори за сообраќај. За да го впие истечениот мазут, врз него се истураше сончогледово ќоспе, кое потоа беше товарено и фрлено. Градоначалникот на Велес Аце Коцевски вели дека дел од мазутот, низ одводен канал за атмосферска канализација, стигнал до водите на реката Вардар.

„Во фабриката за масло „Благој Ѓорев“ многу малку се инвестира во обнова на машинската опрема, која според фотографиите изгледа многу застарено. Јас како градоначалник и како граѓанин на Велес сум многу сериозно загрижен од идните можни непријатни настани што можат да ни се случат од фабриката за масло, доколку продолжи негрижата и неинвестирањето во опрема“, рече Коцевски.

Од велешка Маслодајна признаваат дека имале проблеми со котелот и дека мазут истекол на улица, но не и во одводен канал, со што индиректно негираат дека мазутот стигнал до реката Вардар.

„Прехранбената индустрија „Благој Ѓорев“ изјавува дека нема излеано количина на мазут директно во одводен канал. За тоа имаме испратено и соодветни фотографии. Количината која што излегла на улица е не повеќе од 300 килограми, согласно визуелните проценки“, велат од Маслодајна.

Полицијата завчера беше на местот на настанот, но освен што ја обезбедуваше улицата, увид не направила, вели градоначалникот Коцевски. Екипите на крим техника процениле дека излевањето на мазутот не предизвикало штета никому. Коцевски со спротивен став, го повика МВР да направи увид бидејќи, според него, штета имаат граѓаните на Велес. Општина Велес ќе поднесе информација до обвинителството, заедно со фотографии од местото на хаваријата и од мрсните дамки во Вардар, пшо што очекуваат оттаму да покренат и кривична одговорност.

Ова е петта хаварија во Маслодајна во последните 18 месеци. За ланската, фабриката беше казнета со 50 илјади евра, а директорот условно со 15 илјади, доколку во рок од една година не се случи нов еколошки инцидент. Повозрасните велешани се сеќаваат на големата експлозија во оваа фабрика пред 43 години, кога имаше и загинати работници.

71211257_2521082977948545_798559287910596608_n

Граѓаните секојдневно реагиреаат на загадување на воздухот и непријатна миризба од Маслодајна. И градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција ја посочи оваа фабрика како најголем загадувач во Велес.

Маслодајна е фабрика која е во постапка на добивање Б интегрирана еколошка дозвола, за чие спроведување е надлежна општина Велес. За апсурдот да биде уште поголем, општина Велес во моментов нема локален еколошки инспектор, бидејќи досегашниот е назначен за раководител во секторот за животна средина, а државниот инспектор пак замина во пензија. Затоа записник од еколошкиот инцидент нема. Коцевски денеска го повика државниот инспекторат да ја преземе работата и да направи увид.

Од Еколошкото друштво „Вила Зора“ реагираат на тоа што Велес остана без еколошки инспектор.

„Бараме одговорност и реакција врз основа на законот и најитно вработување на квалификуван иснпектор за заштита на животната средина  во општина Велес, со цел редовно следење на работата и превенција од евентуални еко-инциденти“, велат од ЕД „Вила Зора“.

Во меѓувреме се случил уште еден еколошки инцидент, откако ќоспето кое се употребило за да го упие мазутот, кој се смета за опасен отпад, по грешка, се фрлил на градската депонија. Коцевски вели дека на вработените од отпадот им била дадена погрешна информација за тоа што носат. Според сето ова, доколку државниот инспекторат не реагира, може да се случи и за овој инцидент со загадувањето на реката Вардар, никој да не понесе одговорност.

Поврзани вести:

https://batali.net/6259/maslodajna-e-zagaduvachot-na-vardar/