Реклама

Маслодајна е загадувачот на Вардар

Мрсните дамки кои граѓаните на Велес утрово ги забележуваат во Вардар се остатоци од мазут од фабриката за масло „Благој Ѓорев“. Дериватот истекол во реката како последница од вчерашната хаварија во фабриката, објасни за Батали.нет градоначалнкот на Велес Аце Коцевски.

„Вчера имаше хаварија во Маслодајна. Пукнал резервоарот за мазут и на улицата истекло околу пола тон мазут. Бев на увид околу 12:30 часот. Тогаш со ќоспе го впиваа мазутот од улицата и го товараа во тракторски приколки. Сообраќајот беше целосно во прекин и регулиран од МВР. Заради безбедност во сообраќајот, ноќеска од ЈКП Дервен ја миеле улицата. Мрсните дамки се од остатоците на мазут на улицата што ја испрале“, рече градоначалникот Коцевски.

Agria

Од Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ веднаш излегоа на терен. Даниел Наумовски, член на управниот одбор на риболовното друшто рече дека ако се случи помор на рибата, тие ќе поднесат пријава до загадувачот.

Инаку, ова е петта хаварија во Маслодајна во последните 18 месеци. Најголемата се случи минатиот септември, кога поради пожар во еден од силосите, воздухот во Велес цела недела беше загаден. Тогаш државната и локалната власт се спогодија фабриката да плати казна од 50 илјади евра, а раководното лице беше казнето со дополнителни 15 илјади евра, но казната ќе ја платат само доколку во рок од една година не направат прекршок од областа на животната средина.

Велешани постојано реагираат на миризбата и чадот, кој претежно во вечерните часови излегува од оџаците на Маслодајна. Фабриката долго време немаше Б интегрирана еколошка дозвола. Проблем се трите котли од кои еден е на мазут, гориво кое по согорувањето енормно го загадува воздухот.

Поврзани вести: