Реклама

Одбележани 77 години од убиството на 12-те ваташки младинци

vatasa1

Роднини на загинатите, делегација предводена од градоначалникот на Кавадарци, претседателот на советот и повеќе делегации од општествено политичкиот живот во Кавадарци,  денеска во Моклиште положија цвеќе на споменикот на 12-те ваташки младинци,  со што  се одбележаа 77 години од ѕверското убиство што на денешен ден во 1943 година го изврши бугарскиот фашистички окупатор.

Zito akcija 640x289px

Поради актуелната состојба со корона вирусот немаше организирано културно уметничка програма.

Agria

“Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани уште тоа утро во иднината”.

vatasa2

Овие зборови се напишани на споменикот кои сведочат за еден крвав злочин извршен од страна на бугарскиот фашистички окупатор  кога на 16 јуни 1943 година во месноста “Дулово долче” изврши едно од најголемите злосторства во текот на Втората светска војна во Македонија. На тој ден беа стрелани 12 младинци од Ваташа на возраст од 15 до 28 години, а потоа нивните тела на најѕверски начин се масакрирани.

Тоа рано утро, на 16 јуни бугарските полицајци го извршуваат првото апсење. Го приведуваат младинецот Диме Чекоров, кој бил испратен во Кавадарци на испитување кај бугарскиот агент Борис Жуглов – потсетува Натка Китева, кустос историчар во музеј галерија Кавадарци.

Наскоро од Кавадарци стигнал список со имиња за апсење, направен врз основа на една пронајдена фотографија во џебот на уапсениот Диме Чекоров. Фотографијата била направена од првомајската прослава на ваташките младинци во Моклиште истата година. Според подготвениот список бугарските полицајци ги уапсиле младинците. Во меѓувреме двајца бугарски полицајци го донеле од Кавадарци Диме Чекоров, со крвави рани по лицето и телото.

Откако сите биле донесени во кафеаната започнало крвавото иследување од страна на поручникот Костов, полицискиот началник Петко Опреков и двајцата бугарски полициски агенти.  Селскиот учител Ѓорѓи, по потекло од Бугарија се обидел да ги заштити младинците кои добро ги познавал, но бил грубо отстранет.  Од иследуваните младинци се барало да одговорат за целта на првомајскиот собир, за нивното следење на програмата на Радио Москва, за врските со партизаните, за криењето на илегалци, а кај нив биле пронајдени и четири пушки, со кои тие требало да излезат во партизани. Со наредба од полковникот Љубен Апостолов уапсените младинци требало да бидат стрелани. Околу пладне,  младинците двајца по двајца биле изнесени од кафеаната.

Во придружба на цел еден кордон војска, младинците заедно со поручникот Костов и бугарските агенти  се упатуваат кон месноста “Дулово долче“. На патот од кој никогаш нема да се вратат заминуваат: Перо Видов – 15 г.,  Ванчо Гурев – 19 г.,  Данко Дафков – 18 г.,  Илија Димов – 18 г.,  Ристо Ѓондев – 18 г.,  Блаже Ицев – 20 г.,  Герасим Матаков – 18 г.,  Пане Мешков – 18 г.,  Ферчо Поп Ѓорѓиев – 26 г.,  Васил Хаџи Јорданов – 28 г., Диме Чекоров – 20 г. и  Пане Џунов – 18 г. Со нив се спроведени и четирите младинки од селото: Невена Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Ката Ицева и Павлина Касапинова.

Околу пладне стигнале во местото “Дулово долче” , па поручникот Костов им рекол да се наредат еден до друг за да ги фотографираат обидувајќи се да ги припои младинките кон нивните другари, но полицискиот началник Петко Опреков му се спротивставил затоа што тоа не било наведено во наредбата.  Во меѓувреме Васил насетувајќи дека нешто лошо се подготвува, започнал да трча кон реката Луда Мара обидувајќи се да избега.

По него тргнале Диме Чекоров и Герасим Матаков. Започнала стравична пукотница. Младинците погодени од рафалите на пушкомитролезот и куршумите од пушките паѓале како покосено класје, еден до друг. Насекаде во воздухот, се чувствувал силен мирис на барут. По претрпениот шок, следел силен писок на девојчињата, од кои три ги изгубиле своите браќа. Нозете веќе им биле непослушни и биле приморани да седнат на земјата, одбегнувајќи да го гледаат страшниот призор. Потоа следувало најстрашното. Војниците како по заповед ги извадиле бајонетите и да бидат сигурни дека успешно ја завршиле работата започнале со нив да ги бодат телата на оние младинци кои сеуште покажувале знаци на живот. Но тоа не било сé, војниците по извршениот масакр започнале да им пребаруваат по џебовите, а на неколкумина им ги одзеле часовниците од рацете.

Масакрот во Ваташа бил запишан и во “Билтенот“ на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 г.

Во Ваташа веќе се прочула злокобната вест за трагедијата на нивните деца во Моклиште и целото село веќе било на нозе. Кога војниците и преплашените младинки се враќале кон селото, ваташани веќе се упатувале кон Моклиште.

vatasa6

Ниту еден злостор во историјата не останал неказнет. Заслужена казна ги стигнала сите актери во овој масакр.  Учесниците од стрелачкиот одред  во крвавиот ваташки злостор во борбата кај с. Страмашево на 13 јули 1944 година ја добиле заслужената казна. Два батаљона на Втората македонска ударна бригада во жестоката акција ја ликвидирале оваа злогласна единица. Поручникот Костов и помошникот на полицискиот началник од Кавадарци Петко Опреков биле ликвидирани наскоро по капитулацијата на фашистичка Бугарија. Љубен Апостолов на 3 ноември 1944 г. го откриле македонските емигранти во Софија. Бил приведен и донесен во Кавадарци каде му е судено како на воен злосторник. Народниот суд во Кавадарци го осудил на смртна казна. Полициски инспектор Димитар Раев и агентот Борис Жуглов биле осудени на смрт во Скопје и стрелани – потсетува Китева.               

Песните “Ми заплакало селото Ваташа“ од  Лазар Манчевски и “Цветови” од Славко Јаневски, секогаш ќе не потсетуваат на една младост, на 12 те скоевци.

Денес, 77 години по овој крвав настан сите слободољубиви луѓе, сите кои што ја ценат и почитуваат слободата на својот народ многу добро знаат дека сето она што го направија младинците од Ваташа е дело достојно за почит и восхит. Секогаш ќе остане да се памети и почитува од сегашните и идни генерации, затоа што нема ништо посвето од слободата на својата татковина и слободата на својот народ.

Вечна им слава!

Извор: ktv.mk

Можеби ќе ве интересира: