ВЕЛЕШАНЕЦ КОЈ ПРЕЛЕЖА КОРОНА: Ковид-19 е подмолна болест!

Pance Kocev

Велешанецот Панче Коцев цел месец се лекувал од болеста Ковид-19 која ја предизвикува новиот вирус Сарс Ков-2 или попознат како коронавирус. Тој бил од оние пациенти кои имале симптоми, па морал да биде згрижен на инфективното одделение во велешката болница.

Zito akcija 640x289px

Коцев раскажува дека оваа болест доаѓа подмолно, често и без да ги почувствувате компликациите кои ги предизвикува. Решивме неговото искуство да го пренесеме во целост, бидејќи е корисно четиво за сите, а посебно за оние кои не веруваат дека вирусот постои или оние кои одбиваат да носат заштитна опрема.

Agria

„Слушај паталец, а не гаталец!

Прво, не сум медицинско лице, но сум пациент кој триесетина дена се дружеше со нив,а и со Covid-19 и на крај нормално, го совладав, па можам да ви го пренесам моето искуство.

Дали Covid-19 постои?
Да, постои. И кога го имаш, знаеш дека го имаш и без да се провериш, освен ако си асимптоматичен. И не е битно дали е природен или лабораториски измислен, кој и како профитира, која е задната намера или какви било “теории на заговор”, битно е дека е тука, присутен е на целата планета и секој може да биде заразен, да, и ти што читаш можеш да се заразиш. Никој не е имун.

Дали ги напаѓа само старите лица и лицата со ослабнат имунитет?

Во мојот живот никогаш немав лежено во болница, од кога сум роден се на се имам примено не повеќе од 20 инекции. На лекар немав отидено од 2001 година кога ја скршив раката, единствените медикаменти кои што ги имав пиено во животот беа парацетамол и аналгин, покачена телесна температура сум немал никогаш подолго од 2 дена.

А сега, во месец мај качувам температура, ало мај, никогаш во животот не сум се ни искашлал во мај, при што 9 последователни дена не можев да ја симнам (не беше висока, најмногу имав измерено 38.2), 2 дена изгубив мирис и вкус (ги осеќав појаките мириси и вкусови) и без да знам и осеќам имав почетна пневмонија на градите. Значи лице што 20 години не било во медицинска установа не може да има слаб имунитет. Секојдневното спортување нема ни да го споменам.

Во болницата кај што лежев имаше лица од сите возрасти. Согледувајќи ги нивните ситуации со цимерот од соба 13 дојдовме до одредени заклучоци кои не мора да се точни, бидејќи се базирани на мал број случаеви (стотина) а тие се:
– На младите луѓе и на мажите им е потребен подолг период на закрепнување;
– Жените и старите лица побрзо закрепнуваат, но доколку старите лица не закрепнат брзо, тие ја губат битката;
– Лицата со слаби симтоми подолго остануваат позитивни за сметка на оние со појаки симтоми;
– Кај вирусот Covid-19 нема никакви правила, многу е непредвидлив и подмолен.

Со Covid-19 ништо не се знае, лица кои немаат симтоми наеднаш добиваат силни, ниската температура станува висока, сатурацијата наеднаш се губи, подвижното лице го приковува за кревет, сега разговараш нормално со некого, а после половина час лицето не може да земе здив… Сето ова ми е видено, не ми е прераскажано.

Што треба да правите?

Внимавајте. Држете дистанца, носете маска и не заборавајте да правите дезинфекција после допирање, за задолжителното миење не треба да споменам. Пак ќе кажам, Covid-19 е подмолен. Јас внимавав на сите овие работи, но карактерот на мојата работа е таков што постојано сум во контакт со голем број на луѓе, на целата територија на Македонија, па се заразив. Сеуште не знам кога и каде се заразив, но знам дека тоа беше при извршување на работните обврски, бидејќи приватно не излегував никаде, освен до продавница и во природа. Олеснува фактот што сите лица кои ги наведов во епидемолошката анкета (20+) излегоа негативни на тестирањата, т.е. што никого не заразив.

На крај, да искажам особена благодарност до медицинскиот персонал кој во моментот се наоѓа во “Инфективното одделение” во велешката болница, кои најсовесно и најпрофесионално си ја вршат својата работа, се грижат за секој еден пациент подеднакво и се достапни 24 часа за потребите на пациентите.
Ви благодарам дискретни херои за тоа што го правите!

Како што во секое добро има лошо, така и во секое лошо има добро, доброто овде се искрените пријателства кои ги стекнав за време на престојот во болницата, а тие се многу на број.

Можеби ќе ве интересира:

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: