Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека заедно со Здружението на новинари (ЗНМ) договориле во следните денови бесплатен скрининг за Ковид-19 за новинари и медиумски работници.
„Во последниот период новинарите и медиумските работници кои известуваат на терен за активностите на учесниците во предвремените парламентарни избори, поради зголемениот обем на работа, се дополнително изложени на коронавирусот. Освен тоа, во ЗНМ беше пријавено дека во дел од националните медиуми има нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници, но и колеги кои се сомневаат дека се заразени“, смета Филипче.
Скринингот ќе се спроведе во два дела. Целта е да се опфатат најмалку 500 новинари и медиумски работници во првиот круг во период од три дена, а во зависност од исходот на ова соодветно ќе се планира временската рамка и начинот на спроведување на скринингот и во вториот круг.
„Ова ќе придонесе да се спречи ширење на болеста во овие редакции каде има поголем број на лица кои работат во исто време во ограничен простор. Поголемите редакции ќе добијат подетални информации во текот на утрешниот ден со цел да се направи соодветен распоред за спроведување на скринингот. За останатите помали редакции, дополнително ќе следат информации за скринингот по завршување на првиот круг“, соопшти министерот за здравство.
Можеби ќе ве интересира: