Министерството за образование и наука ќе предложи до Владата три модели на организација на наставата во училиштата за новата учебна година.
Првиот модел предвидува организација на наставата со физичко присуство на учениците во основните и средните училишта, кои имаат просторни услови за реализирање на ваква наставта. Со овој модел просторните и кадровските капацитети на училиштата треба да бидат максимално искористени, а притоа да се применат сите заштитни епидемиолошки мерки. Според овој модел, наставниот час би траел 20 минути во основното, односно 25 минути во средното образование.
Во паралелките каде што бројот на ученици е над 24, а училницата е со стандардна големина, паралелката треба да се подели на две групи. Едната група би ја следела наставата со скратено времетраење на наставните часови од 20 односно 25 минути. По завршувањето на часот треба да се остави време од половина час да се проветрат просториите и да се дезинфекцира просторот, по што би следувал часот со втората група ученици од паралелката.
За време на наставата и на одморите наставниците и учениците носат маски. Малиот одмор би траел пет, големиот 15 минути, но под надзор на одделенскиот и предметниот наставник.
Овој тип на настава со скратен час би се реализирал во првото тромесечие на новтата учебната година, по што Бирото за развој на образованието ќе направи анализа и ќе му предложи на Министерството дали да се продолжи со скратена настава или часовите да траат по 40 минути.
Вториот модел е комбиниран концепт или т.н. „blended model”, кој подразбира дел од наставата учениците да ја следат со физичко присуство во училиште и дел од дома, преку онлајн наставата. Овој модел се однесува на училишта кои имаат паралелки со поголем број на ученици и недоволен број на простории за обезбедување на целосно физичко присуство на учениците, за да се запази дистанцата помеѓу учениците.
Овој модел подразбира комбинирана настава и тоа, половина од учениците од паралелката две седмици да одат во училиште и следат настава во училница, а другата половина од учениците истовремено од дома да ја следат наставата онлајн. По две седмици, двете половини би ги смениле улогите. Сепак, за да се реализира овој модел на настава мора да се обезбедат технички услови, како компјутер со камера, лаптоп или паметен телефон и интернет во училницата.
Третиот модел е електронско учење на далечина и тој предвидува целосна онлајн настава која учениците би ја следеле од дома. Овој модел би се реализирал само во ситуации кога тоа го налага локалната епидемиолошка состојба или во случај на заболени ученици и вработени од КОВИД-19.
Покрај овие модели, Министерството за образование и наука предвидува протоколи за работа на училиштата, приемот на ученици, хигиената, автобускиот превоз, организирање на просторот во училиштето, а ќе се следи здравствената состојба на учениците и вработените во училиштето. Предвидени се постапки при сомнежи за болест на ученици и вработени во училиштето и редовна комуникација и соработка со родителите во врска со безбедноста и здравјето. Сите овие протоколи и модели на изведување на настава се предлагаат и за музичките училишта.
Сепак, кој модел на настава ќе биде избран, ќе зависи од локалната епидемиолошка состојба во местото каде што се наоѓа училиштето како и од епидемиолошката состојба на државно ниво. Министерството ќе ги задолжи сите училишта да изработат План за организација. Во соработка со општината, училиштето ќе мора да направи анализа на просторните капацитети и техничките услови и потоа, според анализата и според бројот на ученици, за секоја паралелка посебно, ќе треба да избере модел за реализација на наставата во училиштето. Еден од главните услови е да се обезбеди дистанца помеѓу учениците, според препораките на Комисијата за заразни болести.
Родителите на децата со посебни образовни потреби како и децата со респираторни и други хронични болести имаат право да одлучат дали нивните деца ќе присуствуваат на настава во училиштето или ќе следат настава со учење од далечина од дома.
Можеби ќе ве интересира: