Боксерската федерација на Турција објави дека тројца нивни боксери и еден тренер биле заразени со коронавирус, а тоа се случило за време на квалификацискиот турнир за Олимписките игри, кој заврши во Лондон пред 10 дена.
Претседателот на турската боксерска федерација, Ејуп Гозгец, го обвини организаторот на турнирот.
“Тоа е вина на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и Британскиот олимписки комитет. Иако коронавирусот се шири низ целиот свет како пожар, тие делуваа како ништо да не се случува. Овој турнир требаше да биде одложен пред почетокот, а не после на третиот ден од настанот.Ние немавме заштитна опрема во салата, немаше средства за дезинфекција, немаше нараквици. “ изјави Гозгец, додавајќи дека тој испратил протестни писма до одговорните.
“Моето семејство се обиде да ме предомисли за патувањето во Лондон, но јас сепак се уверив дека ќе бидат преземени сите безбедносни мерки. Велика Британија е една од најразвиените земји во светот, но во овој случај таа потполно потфрли”, заклучи Гозгец.
Повеќе од 350 боксери од скоро сите европски земји пристигнаа во Лондон. Турнирот започна на 14 март,но на 16 март се одлучи дека ќе продолжи без гледачи во салата, а потоа во текот на вечерта , беше решено натпревароте целосно да прекинат, иако беше планирано да траат до 24 Март.